за

Овие модели се најмалку ризични од втора рака

Не мора секогаш да биде најголемиот и најсилен автомобил што може да се најде за парите, туку може да се избере и нешто поскромно – и поново.

mitsubishi colt користени возила достапни до 10 години

Лимузините од рангот на S-Class, серијата 7 или A8 секако дека се меѓу најатрактивните на плацевите со користени автомобили. Но, многумина ја дознаваат причината за нивната ниска цена кога треба да се направи првата посериозна поправка. Во овој преглед ги издвоивме моделите што спаѓаат во најдостапните класи возила, но уште поважно, модели кај коишто е помала шансата за дефект отколку кај другите модели во класата.

Кој е најдобриот автомобил што може да се купи за најмалку пари? Секако дека тоа првенствено е нов автомобил од градската или компакт класата, од таканаречените волуменски марки, односно од марките што целат точно во најчувствителниот ценовен сегмент. Тоа е делот од пазарот кадешто особено се внимава на противвредноста, односно борбата е купувачите да се уверат дека добиваат најмногу за парите: Suzuki Swift, Mitsubishi Space Star, Toyota Aygo, Kia Rio, Skoda Fabia & Co. Секако дека не може без „но“. Покрај македонскиот животен стандард, кога каков било нов автомобил е достигнување, мора да се бара во понудата од користени возила.

Во овој преглед ги издвојуваме моделите што имале најмалку дефекти во споредба со конкурентите, во градската и во компакт класата. Статистиката на дефекти се базира врз искуствените податоци на ценетиот германски TUV. Следните модели по 10 или 11 години остануваат во најдобра форма.

Honda Jazz II (GE)

  • Период на производство: 2008 до 2014 година
  • Мотори: Од 1,2 со 90 КС до 1,4 со 100 КС

Honda Jazz е совршен автомобил за град. Кус е колку градски автомобил, но внатре има простор колку компакт. Практичноста е врвна, благодарение на задната клупа што се преклопува нагоре или целосно се впушта во подот. Тоа е изводливо, затоа што резервоарот за гориво е под предните седишта, па и седењето е малку повисоко. Малата Honda е брза, темпераментна, моторот бара вртежи.

При изборот на овој модел треба да се внимава дали постои документација за извршена замена на воздушните перници, кои добавувачот Tanaka ги имаше испорачано со фабричка грешка. Внимателно кај верзиите со автоматски менувач. Може да има проблеми и со „ракетата“, при префрлување од соборено на долго светло. Во погонските оски и во управувањето нема проблеми, исто како и во амортизерите, пружините и водилките на тркалата. Може да се фрли поглед на сопирачките дискови и на работата на задните светла.

VW Golf Plus

  • Период на производство: 2004 до 2014 година
  • Мотори: Од 1,4 со 75 КС до 1,4 TSI со 170 КС

Тоа е Golf V со сосем различен каросериски концепт. „Plus“ нуди повеќе простор и поголема практичност. Се седи повисоко и со тоа се добива и повеќе слободен простор пред нозете. Повисоката каросерија ја зголемува потрошувачката во извесна мера. По 2009 година, носот е ист со Golf VI. Амортизацијата работи малку покруто отколку во Golf.

Класика, кај 1.4 TSI треба да се внимава на синџирот. Кај верзијата со 122 КС беше вчитан нов софтвер, заради надминување на „сецкањето“ при забрзување. Посебно внимание кај дизелите до 2005 година – можно е да се појавиле пукнатини во главата на моторот. Кај моторите со пумпа-вентил се чувствителни и инјекторите.

Во подвозјето може да се појават дефекти во погонските оски, а треба да се провери и дали има појавено корозија на компонентите – тоа важи само за најстарите примероци од Golf Plus. Трепкачите често се проблематични. За сопирачките нема забелешки. Кај примероци стари меѓу девет и десет години е можно да протекува масло од моторот.

VW Golf VI

  • Период на производство: 2008 до 2012 година
  • Мотори: Од 1,4 со 80 КС до Golf R со 270 КС

Не е тајна дека Golf VI е само „фејслифт“ на Golf V, со сите негови предности и слабости. Старите дизели беа заменети со посмирени мотори со Common-Rail, се вградуваа и TSI-бензинците. Шестката е комфорна, а пак динамична, најпродаван мотор беше 1.4 со 80 КС. Најпрепорачлив мотор е 1.4 TSI со 122 КС, по можност со 7-степен менувач со двојна спојка. Токму кај најпрепорачливиoт мотор 1.4 TSI се јавуваа и штети поради скинат скинџир (исто и 1.2 TSI).

При проверката треба да се погледнат облогите на седиштата, заптивните лајсни на прозорците и работата на контакт бравата. Golf VI имаше сервисни повици во 2012 година за контролата на притисокот на натполнење кај 1.2 TSI, а претходно, кон крајот на 2011 година имаше повик и заради пукнатини во водовите под притисик кај 2.0 TDI. Во 2009 година претходеа сервисни повици заради грешни пријави на дефект во сопирачките и лом во механиката на подигнувачите на прозорците. Кај 1.6 TDI беа заменети контролните единици на моторот, поради проблеми со стартување при ниски температури. Секако дека треба да се провери дали овие сервисни интервенции се извршени.

Mitsubishi Colt

  • Период на производство: 2004 до 2012 година
  • Мотори: Од 1.5 DI-D со 68 КС до 1.5 Т со 150 КС

Mitsubishi Colt е тивкиот херој. Издржлив, брз, штедлив. Внатрешноста е просторна и македонскиот увозник Мак Аутостар своевремено го демонстрираше тоа со сместување на македонските кошаркарски репрезентативци при премиерата на моделот. Техниката е слична со Smart Forfour, моделот се произведуваше во Холандија. Багажникот е скромен, со 200 литри. Со посилниот мотор од 95 КС се покажува вистинскиот темперамент на Colt. Дизелите се гласни и груби. Кај верзијата со пет врати имаше опција за задна клупа со надолжно местење.

Најголемиот „проблем“ се светилките кои не издржуваат премногу. Исто и акумулаторот може да се полни недоволно. Доколку бензинците гаснат во место, причината е дефект на придушницата. Имобилизаторот исто умее да го онеспособи автомобилот. Не е на одмет да се провери и стегнатоста на предната оска. Истото важи и за „споните“. Сопирачките дискови се чувствителни и треба да се внимава и на нив. За моторот и издивот нема забелешки, таму сé е тип-топ.

Toyota Yaris (XP13)

  • Период на производство: 2011 до 2020 година
  • Мотори: Од 1.0 со 69 КС до 1,33 со 101 КС

Крал на градовите и принц на долги патеки. Задната клупа не се поместува надолжно, како кај претходникот, но затоа има многу простор назад. Хит во понудата секако е хибридниот модел, од 2012 година наваму. Во 2014 година имаше моделско освежување и неколку зафати во моторите. Yaris од третата генерација напредуваше најмногу во квалитетите за долги патувања. Амортизацијата е помека, седиштата се пријатни, тивко е. Моторот со 69 КС малку „доцни“ при повлекување од ниски вртежи. Хибридот со 100 КС и дизелот со 90 КС се суверени во тој поглед.

При разгледување користено возило, треба да се провери дали е истрошена спојката. Во 2013 година имаше сервисен повик, заради проверка на прицврстувањето на водовите за сопирачките. Во поглед на издржливоста, практично нема разлики со моделот од втората генерација (XP9, од 2006 до 2011 година). Кај него треба да се внимава на контролниот уред за ABS, на предзатегнувачите на предните безбедносни ремени, на стартерот – и на истрошеноста на спојката.

>>> Најиздржливи и најрасипливи автомобили според TUV

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

aral-pulse елеткрични полначи

Aral гради мрежа од 500 брзи електрични полначи низ Германија

Autoglym спреј миризба автомобили кабина

Autoglym со спреј за одмирисување стари автомобили