Посети на високо автоматизираните фабрики за електрични автомобили станаа „најбарана карта во Пекинг“, објавува Вајерд. Десетици илјади намерници учестуваат во лотарија и се надеваат дека ќе добијат една од влезниците што се доделуваат во ограничен број.
Меѓу компаниите што ги отворија своите фабрики за посета од јавноста е Шаоми Ауто. Гигантот во производство на телефони, а сега и производител на автомобили со најнапредна технологија, ги угостува посетителите со едночасовна тура, со претставување на своите модели и со пробно возење по тркачка патека.
Конкурентот Нио во минатата година прими 130.000 посетители во својата фабрика за електрични автомобили. Уште три компании најавија дека наскоро и тие ќе започнат со тури во своите фабрики.
„Сé повеќе кинески производители на електрични автомобили ги користат посетите на фабриките како важен канал за комуницирање со надворешниот свет,“ изјави за Вајерд Фреја Жанг, аналитичарка на консултантската куќа Тек Баз Кина. „Тоа не само што нуди можност одблизу да се погледне производствената линија, туку и да се искуси човечката страна на марката.“
Жителка на Пекинг, којашто се претставува како Јуанјуан, изјави за порталот дека уште во јануари почнала да се пријавува за да добие карта за фабриката на Шаоми и дека тоа конечно ѝ успеало во мај. Таа со себе ја понела 13-годишната ќерка и опишува дека фабриката е „огромна со одвај дузина работници“, додека главнината од работата ја вршат роботи.
Жао Мингфеи им покажа на Вајерд слика од себе во групата од 60 лица, што биле избрани за посета на Шаоми во февруари. Повеќе од 7.000 лица се пријавиле тој месец.
Шаоми во 2024 година почна со продажба на својот електричен модел СУ7 и во почетокот нудеше по една посета месечно за група од 20 лица.

Намерата е во јули да се почне со тури во коишто ќе бидат опфатени преку 1.100 посетители, со една тура дневно во работната недела и со по шест тури за време на викендите.
Во ноќта кога беа пуштени регистрациите, пристигнале преку 27.000 барања за посета. Фабриката почна на посетителите да им продава храна и сувенири.
















