за

Во Кина годинава ќе се продадат 6 милиони електрични автомобили

Здружението на производители на автомобили во Кина ги зголеми прогнозите за пазарот годинава, откако во јули двојно порасна продажбата на електрични автомобили.

Продажбата на електрични автомобили во Кина годинава ќе надмине 6 милиони примероци и ќе постави нов рекорд. Расте побарувачката на возила со нулта и со ниска емисија.

Здружението на производители на автомобили во Кина првично очекуваше годинава да се продадат 5,5 милиони автомобили со приклучен хибриден и целосно електричен погон. Очекувањата се поместија на шест милиони, откако продажбата на т.н. ново-енергиски возила се зголеми за повеќе од двојно во минатиот месец. Во јули на најголемиот автомобилски пазар во светот беа продадени 486.000 електрични и приклучни хибридни автомобили, што претставува 27 проценти од вкупниот пазар. Вкупната јулска продажба на возила е порасната за 20% во споредба со лани и достигна 1,84 милион примероци.

Прогнозата за 6 милиони електрични автомобили за 2022 година ја надминува за повеќе од двојно ланската продажба на возила со електричен и приклучен хибриден погон (2,99 милиони возила во 2021 година). Тоа воедно сведочи и за реакцијата на индустријата, којашто го прифати предизвикот на електрификацијата и вооошто на чистата мобилност, и вложува сé помасивно во производство и промовирање на електрични возила.

Аналитичарите сепак остануваат претпазливи и конечната потврда дали пазарот годинава навистина ќе достигне 6 милиони електрични возила ја очекуваат во почетокот на четвртиот квартал.

Tesla има испорачано 28.217 автомобили, од коишто 8.461 се останати на локалниот пазар, додека 19.756 автомобили се извезени, главно за Европа и Азија. Силниот пад од 64% во јуни бил предизвикан главно од прекинот на производството во фабриката во Шангај, каде што се прошируваше капацитетот за двојно поголема продукција, односно за 1 милион возила годишно.

BYD од почетокот на годинава повеќе не произведува автомобили што користат само бензински или дизел мотор. Во јули биле продадени 162.530 возила со чисто електричен или приклучен хибриден погон.

Имиња што се слабо познати надвор од Кина, постигнуваат одлични продажби. Во осмата година од основањето, Hozon New Energy Automobile, во јули продал 14.037 електрични и хибридни возила, главно таргетирајќи ги купувачите што живеат надвор од градовите, нудејќи им возила со чиста или нулта емисија по достапна цена. Конкурентот Leapmotor Technologies исто постигнал солидна јулска продажба, со 12.044 возила.

Xpeng, Li Auto и Nio, марки што веќе се познати во светски рамки, постигнале над 10.000 примероци во јули, но пак заостануваат зад Hozon или Leapmotor. Властите постојано воведуваат мерки за поттикнување на продажбата. Во мај, данокот за возила со ниска емисија беше намален за 50%, а на тоа следат и чекорите на локалните власти, што исто така нудат субвенции и помош за купување автомобили со нулта или ниска емисија.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-EQ стартува со продажба на електричниот EQS SUV

Студија на Citroën: Децата побрзо заспиваат во електричен автомобил