за

Кој ќе погодеше: Kia XСeed се продава исто колку Ceed

Кросоверот во семејството на Kia Ceed има моќен стил, го соединува светот на класичните компакти со светот на СУВ-бестселерите, и на европскиот пазар се продава одлично.

Стратезите што работат за автомобилските марки би можело за својата умешност да бидат ангажирани и за бројни други нешта, во коишто се бара добра процена и се очекуваат храбри зафати. Сцената разликува класични компакти „à la Golf“ и СУВ-модели, „à la Sportage“, кои во меѓувреме исто така станаа класика. Што толку им беше потребен луксузот во Kia, да изведуваат кросовери, како XCeed, или уште похрабро, купе-комби со спецификација на премиум модел, како ProCeed?

Kia Ceed постигна многу за марката на европскиот пазар. Тоа е впрочем и најевропската моделска серија на Kia, дизајнирана во и произведувана во Европа, во словачката Жилина. Колку многу значи тоа што корејската марка произведува за регионот во Словачка, говори фактот што земјата е најголем производител на автомoбили во светот (!), пресметано според бројот на жители и според бројот на возила што се произведуваат во земјата (1,08 милион возила, пет милиони жители) – патем, македонската Kia своевремено организираше медиумска посета на фабриката, и уште е моќен впечатокот, дека тоа е една од најсовремените автомобилски фабрики на континентот. Sportage? И шампионот се произведува во Словачка, во фабриката што од Скопје ја дели пат од 1.130 километри.

Тоа што ни го привлече вниманието во последниот детален извештај за продажбата на автомобили на европскиот пазар се продажбите на кросоверот XCeed и на купе-комбито ProCeed, за коешто на тога шниот тест напишавме дека оддава отменост и благодорност, како што тоа им успеваше на моделите на Lancia во 1970-те и 1980-те години.

Најпродаван модел на Kia во март 2022 година е Sportage, со 13.388 примероци. Тоа е најмалку изненадување. Бројката ќе расте уште подрастично во втората половина на годината, кога во моделската гама на Sportage ќе се придружат изведбите со хибриден и приклучен хибриден погон. Лани во март биле продадени 42% помалку примероци од Sportage од претходната генерација.

Линк до нашата репортажа со Kia Sportage по стариот пат за Прилеп, преку Богомила

Втор најпродаван модел е Niro, модел што е релативно непознат на македонскиот пазар, а очигледно Европа бара примерок повеќе од него. Тоа е семеен кросовер од компакт класа, што е достапен со хибриден и со електричен погон. Затоа, европскиот пазар, со масивните субвенции за електрични возила во бројни земји, и со разбудена свест за животната средина, толку покажува интерес за овој модел. Новата генерација на Kia Niro е пред старт со продажба, таму исто се очекува голем раст.

Третиот најпродаван модел е Ceed, со повеќе од 7.000 продадени примероци во март и раст од 14 проценти во споредба со истиот месец лани. Возачките и возачите во Европа традиционално ги сакаат и ги ценат моделите од мини-класата. Picanto е меѓу ретките модели што остана во класата, а со продажбата што ја постигнува, нема причина Kia да не продолжи со таа моделска серија. Тоа е 4-от најпродаван модел на марката на европскиот пазар.

Големото изненадување: XCeed е петти на листата на најпродавани модели. Не само што овој кросовер котира високо во моделскиот микс на Kia, туку и граби напред. Во споредба со март лани, продажбата годинава пораснала за 56 проценти. Токму XCeed го бележи најголемиот раст од сите модели на корејската марка.

Stonic, кој има волшебен ефект, кога во денот еднаш ќе го забележите на улица, да почнете да верувате дека дента секој десетти автомобил на улица е Stonic, следи веднаш по XCeed. Базата за овој градски кросовер, евергринот Kia Rio, следи по Stonic.

Електричниот EV6, воедно и Европски автомобил на 2022 година, веќе не изненадува со своите близу 3.000 продадени примероци во март и вкупно 8.000 примероци во првите три месеци. ProCeed му парира и на СУВ-знаменосецот Sorento, со 1.394 возила во март, односно над 3.500 примероци од јануари до март. Електричниот Soul и „баварскиот“ Stinger ефектно ја заокружуваат понудата од 12 модели на Kia на европскиот пазар.

Во споредба со конкурентските модели, Kia Sportage е 16-ти најпродаван модел во Европа во март 2022 година, зад Volkswagen T-Roc и пред Dacia Duster. Втор модел на Kia во Топ 50 е кросоверот Niro, повторно вмешан меѓу два модели на Volkswagen, T-Cross и Polo, на 34-то место. Трета Kia меѓу најпродаваните 50 модели е Ceed, на 48-то место, со 7.029 примероци, со незначителен заостаток зад Ford Focus.

Модел

Март ’22

Тренд

SPORTAGE 13388 42.00%
NIRO 9229 11.00%
CEED 7029 14.00%
PICANTO 6443 5.00%
XCEED 6259 56.00%
STONIC 5415 3.00%
RIO 3387 7.00%
EV6 2945 new
PROCEED 1394 5.00%
SORENTO 1331 -44.00%
SOUL 805 32.00%
STINGER 85 -40.00%

Сите модели на Kia што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=kia

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Volkswagen во првиот квартал заработувал по 3,4% од продаден автомобил

Норвешка постави полнач што батеријата ја полни за 15 минути