Марката Volkswagen во првото тромесечје постигна заработка од 513 милиони евра. Продажбата на електрични автомобили порасна за 74%, но продажбата на целата марка е скусена за четвртина, поради Украина, чип-кризата, многу нешта.
Volkswagen оствари зголемена заработка од 513 милиони евра во периодот од јануари до март, наспроти 490 милиони евра лани. Големите компании ја надминуваат актуелната ситуација со префрлување на производството кон моделите од поскапите сегменти и кон електрични автомобили. Чиповите што недостигаат за целата бранша, се вградуваат во модели на коишто се заработува повеќе, за на тој начин да се надомести за продукцијата (и продажбата) што не може да се реализира.
Вкупниот промет изнесува 15 милијарди евра, помалку во споредба со првиот квартал лани, кога прометот достигна 17,6 милијарди евра. Исто и вкупната продажба на марката Volkswagen на светскиот пазар е намалена. Последици оставаат војната во Украина, недостигот од чипови, а сега и новите мерки против ковид во Кина. Продадени се малку повеќе од 1 милион автомобили (1,36 милион во 2021). Оперативната заработка, не вклучувајќи ги посебните издатоци, изнесува 3,4 проценти од прометот. Во првиот квартал во 2021 година биле 2,8 проценти.
Шефот Ралд Брандштетер ќе продолжи да ја унапредува конкурентноста на марката со скусување на фиксните и заеднички трошоци: „Во моментов се соочуваме со различни предизвици, како геополитичка несигурност, голем раст на цените на суровините и енергијата, како и влианија од пандемијата во Кина.“ Финансискиот директор Александер Зајц, посочува и дека марката уште е далеку од поставената цел, за заработката да достигне 6 проценти од прометот.
Продолжува растот во продажбата на батериски електрични автомобили
Во првите три месеци се испорачани 53.400 целосно електрични возила (BEV), што е раст од 74 проценти. Клучен е СУВ-моделот ID.4, којшто учествува со 30.300 примероци во продажбата. Во моментов се работи на проширување на производствените капацитети за овој модел. На 20-ти мај стартува фабриката во Емден, за во второто полугодие да следи и старт на производството на ID.4 во САД, во Чатануга. Интересот е огромен, вкупно се пристигнати повеќе од 120.000 нарачки за ID-моделите.
Историски рекорд бележи бројот на нарачки од 670.000 автомобили, само за Европа. Овој рекорд сепак е резултат од висока побарувачка и ограничена продукција, поради кусокот од чипови. Тоа значи дека стотици илјади купувачи во моментов чекаат нивниот нов автомобил да влезе во производство.
Финансиски биланс на марката патнички автомобили Volkswagen
Q1 2021 | Q1 2022 | Промена | |
Промет (Mrd.€) | 17,6 | 14,9 | -15,3% |
Оперативен резултат без посебни трошоци (Mio.€) | 490 | 513 | +4.7% |
Оперативна заработка без посебни трошоци (%) | 2,8% | 3,4% | +23,6% |
Netto-Cash-flow (Mio.€) без посебни трошоци |
365 | 92 | -74.7% |
Испораки на патнички возила од марката Volkswagen по региони
Q1 2021 | Q1 2022 | Промена | |
Западна Европа | 271.100 | 215.400 | -20,5% |
Средна и Источна Европа | 53.800 | 34.000 | -36,8% |
Северна Америка | 127.500 | 95.800 | -24,8% |
Јужна Америка | 109.200 | 52.300 | -52,1% |
Кина и ХК | 732.400 | 557.900 | -23,8% |
Азиски Пацифик | 29.500 | 30.200 | +2,1% |
Близок Исток / Африка | 36.500 | 26.500 | -27,4% |
Свет | 1.360.100 | 1.012.100 | -25,6% |