за

Патување со Kia XCeed до најголемиот речен остров во Македонија

Остров долг седумстотини метри на Вардар, а малкумина знаат за него. Кросоверот Kia XCeed направи уште едно патување да биде уживање.

Кога автомобилот поседува карактер на гран-туризмо, доволен е најмал повод за да се појде на ново патешествие, во откривање нови предели. Така и со Kia XCeed, до одредиштето коешто се покажа многу благодарно.

Тоа е уште една придобивка од напредокот што го имаат постигнато автомобилите. Некогаш требаше да се смета на половина ден во патување од Скопје до Охрид или Дојран, и уште половина ден за „мрсен“ одмор од патувањето, меѓу другото и поради тогашните патишта. Денес е сосем разумно, уште со автомобил од компакт класата, буквално за минута да се реши и да се појде до одредиште на стотина километри. Тоа е комфорот на дело.

Времето додека Kia XCeed беше на тест-возење во Аутомедиа се погоди за посета на едно одредиште што долго стоеше на список. Многу необично одредиште, или поточно, неочекувано одредиште. Патување до најголемиот речен остров во Македонија. Островот дури и нема име, барем не име што е познато општо. Тој се води само како „островот кај Удово“. Неверојатно е колку во земјава умееме да ги запоставиме нештата, да го превидиме тоа што заслужува многу поголемо внимание.

Анонимноста на оваа природна знаменитост збунува уште толку, покрај фактот што островот се наоѓа на оддалеченост од одвај половина километар од Е-75, некогаш главен пат до Гевгелија, пред изградбата на автопатот.

Kia XCeed лежи „тешко“ на патот, во смисла на чувството што се стекнува дека кросоверот сигурно го одржува контактот со подлогата и издржува мошне амбициозно ниво на странично забрзување. Кросоверот во семејството на Ceed, воедно и најпродавана каросериска изведба во гамата, поседува динамични возни својства, лесна управливост, предвидливо однесување во гранични услови – сето тоа прави еден „гран туризмо“ во компакт класата, со карактер на лимузина од виша класа, но со цена на Ceed.

Тоа секако дека не е случајно, туку е дело токму на Алберт Бирман, маестро на инженерскиот занает, порано кадар на BMW M GmbH, а веќе со години задолжен за динамиката на моделите на Kia. Хер Бирман меѓу другото имаше главен збор и за дотерувањето на подвозјето и на карактерот на погонската спрега на електричниот EV6.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Затоа и сосем е природно тоа што патувањето до Демир Капија поминува за миг. Кај „челичната врата“ ќе направиме една куса фотосесија со Kia XCeed пред тунелот што војската на Кајзер Вилхехм Втори го има пробиено пред повеќе од сто години. Место што е вредно да се посети, несомнено.

Од Демир Капија продолжуваме по Е-75, во насока кон Удово. Kia Xceed амортизира меко, тивко, а пак спортски стегнато, за човек да може секогаш да се потпре на автомобилот. Уживање е да се вози по патот што сега одвај дека е оптоварен, и разминувањето е главно со тешки камиони. Пријатното изненадување следи кога на патниот компјутер се појавува вредност 5,8 за просечната потрошувачка. Целиот тест на Kia XCeed со 1,5-литарски бензинец со 160 КС може да се прочита на следниот линк.

Кај некогашното главно одморалиште на оваа делница, Бифе Белов на 113-от километар, нашиот автомобил единствен е на паркиралиштето. Автопатот го одвлече целиот сообраќај. Можеби некогаш повторно ќе биде вредна глетката што се пружа оттука. Веднаш долу е Вардар, но и речен остров, слично со тој кон којшто се имаме упатено, но далеку помал.

По кусо време, доаѓа и тој момент. Во претходна пригода, може некој и да го има поминато мостот што се протега преку целиот „остров кај Удово“, а да нема забележано дека минува преку остров. Не кој било остров, туку најголемиот речен остров во Македонија, втор по големина по преспанскиот Голем Град. Никаков знак, никаква идеја за на намерниците да им се соопшти за посебното значење на местото.

Настрана игнорирањето, тоа не го менува уживањето, радоста. Пеш преку мостот се насетуваат контурите на островот. Изненадува големината на површината на неименуваниот, а важен остров. Едниот крак останува назад, човек забрзано од љубопитност продолжува по мостот, за да се добие вистинската претстава за оваа знаменитост.

Штета е тоа што не постои пат или каква било можност да се дојде до самиот остров, да се згаси островската земја. Зошто тука не би бил изведен парк, некое шеталиште, лежерен ресторан? Во Македонија ја изгубивме навиката, или поточно благодетот да патуваме по татковината. Скапите патарини се главната причина за тоа.

Уште едно пријатно доживување следи по качувањето по стрмниот пат до Давидовскиот Манастир, до манастирската црква Свети Илија, што се наоѓа веднаш над селото Давидово, во непосредна близина до островот. Многумина од патот имаат забележано дека „нешто“ се белее горе во ридиштата. Тоа нешто е токму црквата Св. Илија.

Награда за целото ова патување е глетката од горе. Се гледа како на дланка целото Валандовско Поле, плодно и вредно работено. Секако, и островот долу.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Европските производители направија добра заработка во 2022

Руската фабрика на Toyota преоѓа во сопственост на државен институт