за

Тест · Kia XCeed 1.5 T-GDi

Промените во изгледот и функциите на Kia XCeed од моделската 2023 година главно се посветени на воведувањето на новата спортска изведба GT-Line. Но, и „основната“ изведба со 160 КС нема изгубено од шармот, напротив. Допрва доаѓа времето на кросоверите по пример на XCeed.

Тоа е еден од оние автомобили кон коишто сопствениците се однесуваат посебно. Точно како миленичиња, само што се автомобили. Од една страна е тука формата на каросеријата, со задолжителните додатоци, од друга страна е посебното внимание што е посветено во изработката на секој дел, особено во внатрешноста. Тоа ја прави посебноста на овие автомобили. Тест на Kia XCeed 1.5 T-GDi, со промените во новото моделско годиште.

Така е сосем разбирливо, зошто Kia XCeed стана најпродавана моделска изведба во семејството на Ceed. Од сите каросериски варијанти, вклучувајќи ги комбилимузината со пет врати Ceed, нејзината комби варијација Sportswagon и купе-комбито ProCeed, најмногу се продава точно XCeed.

Лани во ЕУ 28 биле новорегистрирани 66.317 примероци од Ceed (заедно со комбито Ceed SW), од луксузниот ProCeed има 13.151 примероци, додека XCeed ги престигнал сите со 51.821 примероци – земајќи предвид дека Ceed и Ceed SW се две различни каросериски изведби. Од стартот во 2019 година, кросоверот досега се има испорачано во преку 120.000 примероци – ексклузивно за Европа.

Тоа што се случи со овој автомобил во моделското годиште 2023 е веројатно најдобриот фејслифт, или по наше освежување, што сцената го има видено во изминатиов период. Кога ќе се погледне овој XCeed на тест, само познавачите можат да препознаат дека тоа е освежениот модел. Единствено кога покрај него ќе се најде и претходникот, може да се воочат разликите. И, тоа е многу фер. Од една страна е фер кон сите тие 120.000 постоечки сопственици, затоа што нивниот модел не се деградира како „стар“, а од друга страна е фер затоа што зафатите кај новиот модел изгледаат толку природно, како XСeed сега да се појавува првпат на сцената.

Дотолку повеќе збунува тоа што сé е сменето. Буквално сé. Светлата сега користат исклучиво диодна техника и имаат сменета форма во споредба со претходните. Овој зафат е направен со цел за линијата на светлата да се совпадне со предната маска – којашто, нормално, исто така е комплетно нова. Кога ќе се погледне од преден полупрофил, точно се забележува тој преод од светлата во маската. Дизајнерска мајсторија, каква што впрочем, веќе со години ни сервира корејската марка со автомобили развиени во Европа.

Kia XCeed има во исто време „спортски, урбан и авантуристички дух“ – тоа е најверодостојниот опис за кросоверот меѓу Ceed и Sportage

Главниот дизајнер Грегори Гијом, со студио во Франкфурт, објаснува: „XCeed е најбараниот модел во семејството Ceed, и беше важно да ја искористиме таа можност, за стилот да го направиме уште попрефинет и да го унапредуме дизајнерскиот јазик на Ceed.“ Според дизајнерот, промените го нагласуваат спортскиот, урбан и авантуристички дух на XCeed.

Бидејќи магленките сега се наоѓаат во самите светла, долу се отвори простор за и браникот да добие нов дизајн. Има корист и аеродинамичноста, со додадените „аеро-завеси“ отстрана, што прават воздухот помеко да струи околу тркалата.

Нов ефект прават и задните светла. По целата нивна должина се протега брановидна светлечка линија, што прави опашот да изгледа дека е поширок. Промени има и во графиката на стилизираниот дифузор во задниот браник, како и во натписот на името на моделот. Место во средината на задниот поклопец, натписот е преместен долу и лево. Секако дека веднаш се забележува новото лого, што допрво почнува да ѝ се допаѓа на сцената.

Единствените каросериски панели што се заеднички за Ceed и XCeed се предните врати. Сé останато е различно кај кросоверот

Во споредба со комбилимузината, предниот превис на каросеријата кај XCeed е подолг за 25 mm, додека назад има плус 60 милиметри. Суштинската разлика е во растојанието од подлогата, коешто со 172 mm нуди екстра 44 милиметри слобода за излети надвор од асфалтот.

Демо-возилото на тест е во ниво на опременост Reference 2 и се разликува во едно, но вредно нешто, од моделите што се во редовна понуда. Место дигитални инструменти, возилото на тест е опремено со аналогни инструменти. Тоа е воедно и една од суштинските новини во освеженото моделско годиште. Стандардно во кросоверот за македонскиот пазар се вградуваат дигитални инструменти „Supervision“ од 12,3 инчи, односно 31 сантиметар.

Новото моделско годиште донесе три нови бои во гамата на XCeed: Лимон-жолтата и јука челично сивата боја се познати од претходното моделско освежување кај Ceed, додека ексклузивно за XCeed се нуди каледон-зелена.

Постоечките сопственици на XCeed ќе се радуваат за тоа што во внатрешноста е сменето само малку – немаше потреба да се менува повеќе

Уште една важна промена во внатрешноста е новата рамка за средишниот ретровизор, којашто е потенка во споредба со порано и придонесува за тој дел од видното поле да биде уште попрегледен.

Освежувањето во изгледот повеќе дојде како пропратна појава, отколку како првична замисла. Менаџерите на Kia повеќе целеа на тоа, во гамата на најпродаваниот модел во семејството на Ceed, да се воведе спортската изведба GT-Line. Оваа варијанта наиде на одлична прифатеност на пазарот, затоа што на луѓето им се допаѓа спортскиот печат во стилот на Ceed, додека подвозјето го задржува сиот комфор за секојдневието.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

На македонскиот пазар, изведбата GT-Line оди во комбинација исклучиво со 1,6-литарецот со 204 КС. Кросоверот се почитува како еден вид знаменосец во моделското семејство на Kia Ceed, па затоа и понудата кај нас се состои од најопремените и најсилни варијанти. Верзија со 1,0-литарец со 120 КС и мануелен менувач не е во понуда на нашиот пазар. Истото важи и за изведбите со основно ниво на опрема, каде што отсуствува автоматика за клима уредот или сензор за дожд. Во Македонија сé е стандард и се е моќно. Секако дека за тоа има влијание и силниот имиџ на Sportage. Двата модели, иако се наполно различни, се надополнуваат одлично.

Верзијата на Ceed што вози на висока нога наскоро ќе ја видиме во нова улога – на македонскиот пазар почнува продажбата на изведба со приклучен хибриден погон

Гамата ќе се прошири веќе налето, кога доаѓа комплетно нова погонска изведба на ниво на цела марка Kia. XCeed ќе почне да се нуди на македонскиот пазар во изведбата со приклучен хибриден погон. Бензинец од 1,6 литар со 105 КС и електромотор со 60,5 КС, произведуваат системски 141 КС. Со полна батерија од 8,9 kWh може да се извозат до 58 километри чисто на струја, по што возењето продолжува во хибриден начин на работа. Секако дека тоа ќе биде голема премиера за Kia на нашиот пазар, па тогаш XCeed го очекуваме повторно да ни пристигне на тест во редакцијата.

Тоа што останува одлика на Kia XCeed, покрај впечатливиот и отмен изглед, тоа е комфорното подвозје. Кросоверот амортизира за нијанса помеко од Ceed, меѓутоа возната динамика останува нечепната. Предните пружини се 7% помеки од традиционалната комбилимузина, додека задните пружини се опираат 4% помалку во споредба со Ceed.

На тоа се надоврзува и уште еден „детал“ во задната оска. Единствено во XCeed, надолжните водилки на задната оска располагаат со динамични амортизери. Тие имаат за цел дополнително да ги придушат звуците од подвозјето и да спречат вибрациите да се пренесат на каросеријата. Инженерингот на тоа додава и сменета рeакција на електромоторот за сервоуправувањето – во суштина, управувањето реагира подиректно отколку во Ceed.

Само познавачите се свесни дека ова е автомобил од компакт класата, многумина по возењето би тврделе дека тоа е автомобил што е зрел за класата на Passat & Co

Од сите овие зафати се произведува чувството на гран-туризмо автомобил, на GT. Kia XCeed во возењето се однесува многу позрело, отколку што се очекува од модел од компакт класата. Тоа вешто жонглирање со зафатите во подвозјето, прави XCeed од една страна да биде уште покомотен за возење и долги патувања, додека во исто време овозможува и посмирено однесување на каросеријата, кога ќе се згази земја и ќе се појде на мал излет по теренот.

Mоторот од 1,5-литар и 160 КС е веќе докажана големина, во поглед на култивираноста, моќноста, еластичноста, а не пропушти уште еднаш да увери во штедливоста. На отворен пат, додека вообичаено подготвувавме репортажа што ќе го надополнува тест-возењето, Kia XCeed 1.5 T-GDi пријави просечна потрошувачка од 5,8 литри. Тоа е вредност што се постигнува без каква било задршка или план да се штеди посебно. Моторот едноставно е штедлив, односно тоа е конструкциска придобивка, вродено му е на овој турбо-бензинец. Во град, малку е веројатно дека потрошувачката ќе се искачи над седум литри. Затоа и сосем е јасно, зошто меѓу трите програми за возење, отсуствува еко-програмата. Тоа што возачката или возачот може да го избере е или нормална програма или спортска. Трето нема, на XCeed нормално ѝ е да штеди.

Голем квалитет во возењето внесува и седумстепениот менувач со двојна спојка, којшто е стандард во гамата. Посебен талент на DCT-менувачот се покажува откако ќе се префрли во програмата за возење спорт. Интелигенцијата на оваа програма подолго го задржува степенот на пренос, пред да префрли во повисок степен, има и мала промена во будноста на реакцијата на моторот и во управувањето. Меѓутоа, главното шоу во спорт-програмата е додавањето меѓугас, пред менувачот да врати во понизок степен. Мора да се признае, изненадувачки е верно тоа префрлување – кога при подинамично возење, возачот на XCeed ќе почне да забавува пред свијокот, менувачот точно, во вистинскиот момент и стандардно брзо префрлува во понизок степен.

Изработката е уште една доблест. Секоја површина во кокпитот има дополнителен третман, било да е тоа црн сјаен финиш или спој со нулта толеранција. Истото важи и за материјалот на седиштата, и за составувањето на целата нивна облога, што со сложеноста потсеќа на некои скапи спортски обувки.

Техничките податоци и основните ставки во нивото на опременост на тестираната Kia XCeed може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог за нови автомобили АВТОСАЛОН.МК

Kia XCeed 1.5 T-GDi DCT7 Edition 2

Тоа е воедно и суштината на овој кросовер. XCeed не се разликува од Ceed, Golf & Co. само по тоа што е качен повисоко и има каросериски додатоци налик на теренец, туку следи една сосем друга замисла. Овие автомобили се денешните купе-модели. За пример, како што Opel Calibra или VW Corrado ги одбележија 1990-те, така XCeed, Lexus UX, Toyota C-HR, Peugeot 408 и уште бројни други модели во доаѓање, ја одбележуваат денешницата, па и утрешнината.

Единствено постои разлика во тоа што овие имаат уште еден пар врати екстра и се максимално флексибилни и просторни, меѓутоа во квалитетот на изрaботката, во богатата опременост, и посебно во стилот на целото возило, тоа се практично купе-автомобили, во сосем друга каросериска форма.

По малку филозофија околу тоа зошто „вистинските“ основни изведби сé поретко се наоѓаат во понудата на големите марки на македонскиот пазар

Прашањата околу Kia XCeed веројатно гравитираат најчесто околу составот на моделската гама. Ценетиот македонски увозник ги „прескокнува“ основните моделски изведби на XСeed, односно верзијата 1.0 T-GDi со 120 КС и мануелен менувач, исто како и нивоата на опременост што се три степени под Reference 2 или GT-Line. Како и за сé останато, сите посебности на македонскиот пазар резултираат од хроничното отсуство на факторот наречен држава, на којашто исто така ѝ е должност да воведе политика, практично стратегија, којашто ќе раководи со правилното создавање и со природното напредување на автомобилскиот пазар – земајќи ги предвид сите околности на македонскиот пазар. Кусо кажано, доколку државата имаше закон што ќе го заштитува македонскиот возен парк од увоз на автомобилски отпад, веројатно ќе доживевме повторно, автомобилските марки во овие чудни времиња, да ги вклучат во својата понуда и основните моделски изведби, и целата гама, како што тоа беше пример до 2010-те.

Секако дека тие локални посебности не ја деградираат Kia XCeed, којашто е вредна за секое евро. Тоа, впрочем, остана доблест уште од времето на Kia Sephia или култната Kia Capital, марката да нуди одлична противвредност. Сé останато е надградба на таа основа со најдобриот можен квалитет. Вклучувајќи го и фактот што при продажба на Kia XCeed по пет години, на идниот сопственик ќе му останат уште две години да го вози автомобилод под фабричка гаранција.

како една мала најава за репортажата…

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Берлинската полиција вози електрични скутери BMW CE 04

Mercedes-Benz именува нов шеф за кинескиот пазар