за

Европските производители направија добра заработка во 2022

Повисоките цени им го зголемија профитот на европските автомобилски концерни, посебно на BMW, чијашто добивка се зголеми за 50 проценти.

Најголемите европски производители на автомобили постигнаа рекордна заработка во 2022 година и покрај мирувањето на продажбата, како и проблемите во синџирот од добавувачите и во логистиката.

Шесте најголеми европски производители на автомобили постигнаа за 22 проценти зголемена чиста добивка, со вкупно 67,8 милијарди евра: BMW Group, Mercedes-Benz, Renault Group, Stellantis, Volkswagen Group и Volvo Car, вклучувајќи го и најголемиот производител на луксузни автомобили, Ferrari.

Најголемиот дел од таа добивка отпаѓа на четирите најголеми концерни. BMW има најголема нето добивка, во висина од 18,6 милијарди евра, следи Stellantis (16,8 милијарди евра), VW (15,8 милијарди евра) и Mercedes (14,8 милијарди евра).

Резултатите на BMW не може целосно да се споредуваат со резултатите на останатите производители. Минхенската куќа лани почна да ги користи придобивките од заедничката инвестиција BMW Brilliance во Кина, откако го зголеми својот удел во акциите од 50 на 75 проценти. BMW наведува дека растот од 49 проценти во добивката во 2022 година доаѓа во најголем дел од оваа консолидација.

Volvo Car, којшто е во сопственост на кинескиот холдинг Zhejiang Geely, постигна нето добивка во висина од 1,6 милијарда евра. Ferrari пријави 939 милиони евра профит, додека Renault е во загуба од 700 милиони евра, по откажувањето од уделот во својот некогашен огранок во Русија, AvtoVAZ, што се случи откако Русија ја нападна Украина.

Jaguar Land Rover, под контрола на индиската Tata Group, не е вклучен во пресметката за 2022 година, затоа што нивната фискална година завршува на 31-ви март. Наспроти тоа, бројките од неодамнешниот берзански старт на Porsche се вклучени во резултатите на Volkswagen Group.

 
BMW 18.6 49.1% 143 28.2% 2,399,632 −4.8%
Stellantis 16.8 25.6% 180 18.1% 6,003,000 −2.3%
Volkswagen 15.8 2.6% 279 11.6% 8,481,000 −1.1%
Mercedes 14.8 34% 150 12% 2,450,000 5.6%
Volvo Car 1.6 14.3% 31 11.7% 615,100 −12%
Ferrari 0.9 12.7% 5 19.3% 13,221 18.5%
Renault −0.7 −172.4% 46 0.4% 2,051,000 −5.9%
ВКУПНО 67.8 22.3% 834 14.9% 22,012,953 −1.9%

Повисоките продажни цени го поттикнуваат развојот

Рекордната добивка на европските производители на автомобили е постигната во услови кога нивната продажба во светски рамки се намали за 2 проценти, на 22 милиони возила. Продажбата на Volvo се намалила за 12 проценти, додека единствено Mercedes и Ferrari постигнале раст во продажбата.

Вкупниот промет се зголемил за 15 проценти, на 834 милијарди евра, со таа напомена што сите производители постигнале зголемување на профитот од најмалку 11 проценти. Исклучок е Renault, чијшто промет е практично непроменет (+0,4 процент), поради откажувањето од своите активности во Русија.

Зголемувањето на прометот се должи во најголем дел на растот на продажните цени, како и на поволниот продажен микс, којшто им даваше предимство на моделите со коишто се постигнува повисока маржа. Тоа пак, беше причинето од недостигот од полупроводници. Производителите на автомобили ги вградуваа ограничените количини од микрочипови што им беа достапни, за производството на моделите со повисока маржа.

Како резултат од тоа, оперативната добивка порасна повеќе отколку прометот, со раст од 21 процент, односно вкупно 86,2 милијарди евра. Просечната маржа од прометот се зголеми на 10,3 проценти, наспроти 9,8 проценти во 2021 година.

Дејв Пауелс, заменик директор на финансии во Seat и Cupra, шпанските марки на коцнернот VW, изјави месецов дека иако продажбата на марката била намалена за 4 проценти, прометот по возило пораснал за 18 проценти.

Пауелс упатува дека високиот промет се должи на „зголемениот удел на марката Cupra (повисока маржа) во вкупниот број продадени возила, на агресивната стратегија на менаџирање на прометот, општото намалување на трошоците и подобрената ефикасност“.

Оптимизам за 2023, но и загриженост од економијата

Се очекува добрите времиња да продолжат и во првата половина од 2023 година, и покрај загриженоста за економијата и инфлацијата во Европа. Продажбата на европскиот пазар во февруари напредуваше за 12 проценти. Тоа е веќе седми месец во постојано зголемување на продажбата.

Европа го избегна најлошото сценарио во поглед на енергијата и конечно може да почне да ја сервисира акумулираната побарувачка за возила, по три години во коишто пазарот постојано бараше повеќе возила отколку што индустријата можеше да произведе.

Експертите очекуваат европскиот пазар годинава да порасне за 5 проценти, при раст во производството меѓу 5 и 7 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата електро-платформа на Renault е полесна и подостапна

Патување со Kia XCeed до најголемиот речен остров во Македонија