за

Новата електро-платформа на Renault е полесна и подостапна

Платформата CMF-B EV наменета е за најдостапните електрични модели што ќе бидат воведени во понудата на Renault, Alpine и Nissan.

Новата електрична платформа на Renault, со ознака CMF-B EV, претставува основа за идниот градски модел Renault 5, чијшто старт се очекува во 2024 година. Повеќе од две третини од деловите се заеднички со платформата CMF-B, што се користи за моделите со обични мотори. Благодарение на тоа, производството ќе биде поевтино за 30% во споредба со постоечките платформи.

Францускиот производител потврди дека архитектурата и новиот електричен погон веќе се тестираат во прототип, што ја користи каросеријата од постоечкиот Renault Clio.

CMF-B EV ќе ја користат најмалку четири нови модели со електричен погон, што се потврдени досега: Градскиот модел Renault 5 и неговата изведба со високи перформанси под марката Alpine, малечкиот СУВ-модел Renault 4 и наследникот на Nissan Micra. Меѓускиното растојание ќе може да се приспособува, за да одговара за различни модели, објаснуваат од Renault.

Батеријата е носечки дел во подот на каросеријата и додава во тежина во подрачјето што придонесува да се спушта тежиштето. Renault потсетува дека на тој начин се постигнува подобра управливост.

Моделите врз оваа платформа ќе се произведуваат во групата фабрики ElectriCity во северниот дел на Франција. Таму во моментов се врши монтажа на два електрични модели, на компактот Renault Megane E-Tech и на ванот Renault Kangoo E-Tech, односно на нему сродните моделски изведби Mercedes Citan и Nissan Townstar.

Renault ги соединува електромоторот, инвертерот и електрониката во заедничка единица, заради заштеда во тежина и простор

Електричните возила и сите подрачја што се поврзани со нив, Renault ги префрлува во нова компанија, којашто ќе се води под името Ampere. Новата компанија во текот на втората половина од годината ќе ги понуди своите акции за тргување на берзата, најави извршниот директор Лука де Мео.

Де Мео се посветува на трошоците за производство, како начин за цената на Renault 5 да биде колку е можно подостапна. Според гласините може да се очекува цена под 25.000 евра. Трошоците за производство на платформата CMF-BEV се пониски за 30 проценти во споредба со постоечкиот електричен модел Zoe.

Целта е до 2025 година да се постигне, времето за монтажа на автомобил во комплексот ElectriCity да биде покусо од 10 часови. Volkswagen исто така ја има поставено таа цел за претстојниот електричен модел Trinity. Тоа е времето што веќе го постигнува Tesla.

Намалувањето на трошоците ќе се постигне преку користење висок удел заеднички делови со платформата CMF-B, како и со модулот „три во едно“, којшто соединува електромотор, конвертер и електроника во една целина. Renault кажува дека модулот е помал и за 20 килограми е полесен од погонскиот електормотор во Zoe.

Францускиот производител уште нема откриено детали за погонот, но Де Мео вели дека постои можност во Renault 5 понатаму да се користат поевтини батерии на база на литиум-железен фосфат. Електромоторот е развиен во соработка со Valeo и во него не се користат ретки метали, впрочем исто како и во постоечките електрични модели на марката.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel разви електрична Corsa Moon II наменета за вселенски туризам

Европските производители направија добра заработка во 2022