за

Kia Sportage тогаш и сега: Споредба по пет генерации

Новата генерација на Kia Sportage стартуваше во јануари и во меѓувреме е 14-ти најпродаван модел во Европа. Како се покажува првиот Sportage, во споредба со моделот од новата генерација.

Тоа се буквално два различни света, првиот Kia Sportage од 1993 година и актуелниот модел од петтата генерација, што се продава од почетокот од годинава. Додека моделот од 1-та генерација уште беше заеднички развој со Mazda и Ford, и тоа практично е прв современ теренец на Kia, денешниот модел вози под знаме на успешен и докажан СУВ-модел, што и во технолошки поглед е во самиот врв.

Близу триесет години на постојан напредок по стрмна линија угоре стојат зад името Kia Sportage. Промените што овој модел ги доживуваше низ сиве години, се воедно и промени што паралелно ја менуваа и марката Kia. Првата генерација на Sportage се појави релативно рано, кога пазарот одвај познаваше неколку СУВ-модели од компакт класата, што тогаш уште ставаа силен нагласок на теренското возење. Дури и Toyota RAV4 беше новодојденка на пазарот.

Моделот што постигна солидна продажба и висок удел во својот сегмент, како на европскиот, така уште повеќе на македонскиот пазар, привлекуваше купувачи со тогашните главни аргументи на Kia и на целата јужнокорејска индустрија: Со модифицирана јапонска техника, со многу опрема, и со цена што беше осетно под европските марки.

Првата Kia Sportage користеше мотори, менувачи и оски од Mazda, со којашто корејскиот производител тогаш имаше солидна соработка. Генерации возачи уште се сеќаваат на Kia Capital, лимузина од средна класа, што масовно се продаваше на македонскиот пазар, и којашто во основата беше Mazda 626. Овој автомобил всушност и почна да го гради имиџот на Kia, како марка издржливи автомобили. Потврдата за тоа денес доаѓа преку фамозната 7-годишна гаранција, за којашто сцената е стана толку свесна, што Kia одвај дека ја спомнува во својот маркетиншки настап.

Sportage е првиот модел на Kia што се произведувал во Европа, меѓу 1995 и 1998 година

Kia прво го прикажа истоимениот концепт на салонот во Токио во 1991 година. Три години подоцна стартуваше производството во Јужна Кореја. Првите примероци на европскиот пазар пристигаа оттаму. Во 1995 година се вклучи германскиот лон-специјалист Karmann, каде што до 1998 година се произведоа 25.984 примероци од првиот Sportage. Патем, името: Тоа е кованица од Sport и од Portage, во смисла на патување.

Во поглед на механиката, Корејците тогаш повеќе се потпираа на подостапни и поедноставни решенија. Назад работи крута оска со надолжни водилки, а има и барабан место диск сопирачки. АВЅ тогаш се добива само со доплата, односно е стандард во поопремените изведби. Затоа пак, погонот на сите тркала се подразбира како добро утро. Дури и теренска редукција беше стандард во целата гама.

Во генерацијата на Sportage со фабричка ознака JA се вградуваа два дволитарски мотори. Бензинецот се нудеше во верзија со 95 или 128 КС (со 16 вентили), додека турбодизелот имаше на располагање само 83 КС. Од моделот беа развиени неколку каросериски изведби, меѓу другото кабриолет со платнен покрив за пазарот во САД, како и продолжена каросериска изведба.

Петтата генерација, сосем му е издржана на Sportage. Кога новиот СУВ првпат дојде на тест-возење во Аутомедиа, првиот впечаток беше дека возењето е сменето. Тоа што го сочинува чувството во возење, а тое значи прилично сé, од звучната кулиса во кабината, преку седиштата, до начинот на којшто моторот реагира при притискање врз педалата, во Sportage од 2022 година е направено да биде уште пософистицирано отколку во претходникот.

Тој, пак, сигурно дека не е безименко, затоа што се вбројува меѓу моделите што ја водат главната пазарна битка во сегментот. Тоа е наследството што Sportage го презема во петтата генерација, и наследство што моделот го оправда и искористи. Пријатно изненадување беше кога Sportage во официјалната јунска статистика за ЕУ27, се појави на 14-то место на најпродавани модели. Вкупно 13.606 примероци од новиот модел се продадени во јуни на 27-те најголеми пазари во Европа. За шест месеци, компактниот СУВ постигнал 67.490 продажби или за 41% повеќе отколку во истиот период лани. Сето тоа се случува уште пред да стартува продажбата на верзиите со хибриден погон.

Учеството на релито Дакар со Kia Sportage JA беше рекламирано масовно

Направивме споредба на сите податоци што ни се достапни за двата модели, за првата Kia Sportage, со фабрички код JA, од 1995 година, со петтата Kia Sportage, со фабрички код NQ5, од 2022 година. Од двата тогаш достапни бензински мотори, едниот со 95 КС, другиот со 128 КС, двата дволитарски, ја избравме посилната варијанта. Тоа е воедно и варијантата што се продаваше на македонскиот пазар.

Има голема разлика меѓу 128-те КС пред близу три децении, и 150-те КС денес. Разликата е во вртежниот момент, во вредноста на максималниот вртежен момент. Актуелниот модел е во голема предност, со 250 Nm при 1.500 вртежи, наспроти 175 Nm при 4.700 вртежи. Сето тоа му успева на тековниот Sportage и покрај тоа што зафатнината на моторот му е помала за 400 сантиметри кубни. Тоа е заслуга на турбо натполнењето, коешто уште му беше непознато на претходникот, впрочем исто како и директното впрскување. Тогашниот мотор го впрскуваше горивото во вшмукувачката гранка.

Разликата во ефикасноста меѓу двете генерации мотори е „неспоредлива“. Секако дека може да се добие релативно веродостојна слика за тоа – иако нормите за прикажување на вредноста на потрошувачакта на гориво оттогаш се сменија најмалку трипати. Во времето на Kia Sportarge JA, уште важеше т.н. третински микс, односно потрошувачка при 90, при 120 km/h и во град. Според таа норма: 8,5 l при темпо 90, 11,9 l при темпо 120, рамно тринаесет литри во град. Тогашната норма отстапуваше за околу 40 проценти од вистинските вредности. Нормата NEDC на Kia Sportage и признаваше 9,4 l при возење на отворено, 15,4 литри во град и просек од 11,6 литри бензин на сто километри. Тоа го заокружува и вредност на емисијата на СО2 од 273 g на секој километар пат. Станува збор за мотор според норма Euro 2.

Кај актуелниот Sportage сo 1,6-литарски „те-ге-де-и“, потрошувачката е преполовена. Според нормата NEDC, вредностите на денешниот модел се 5,5 l на отворено, 7,8 l во град и просек 6,3 литри. Во меѓувреме, светот повторно има нова норма, што е прилично пореална од која било претходно. Сложените тестирања според WLTP велат: Град 8,5 l, периферија 6,7 l, спореден пат 6,1 l, автопат 7,4 l. Тоа дава просек од 6,7 литри бензин на сто километри. Пријатното изненадување на тестот беше тоа што вредноста е сосем веродостојна и возач што знае што прави во возењето, лесно може да ја одржува потрошувачката во рамки во коишто може комплетно да заборави на дизел – и на повисоката цена на моделот со дизел мотор.

Техничкиот напредок направи Sportage NQ5 да биде многу подинамичен од неговиот далечен предок. Со тежина на празно возило од 1.526 килограми, наспроти 1.438 килограми на Sportage JA, новиот модел спринтува до темпо сто за 10,3 секунди, што е неколку класи над 14,7-те секунди во 1990-те. Крајната брзина посебно му ја признава аеродинамичноста на новакот: 182 наспроти 166 km/h.

За воздушна перница за возач уште се доплаќаше кај Kia Sportage во 1995 година

Обемот на безбедносната опрема е неспоредлив. Што има Sportage NQ5, што воопшто не постои кај Sportage пред три децении: Воздушна перница за возач и совозач, странични воздушни перници, воздушна перница меѓу предните седишта, воздушни перници за глава напред и назад, безбедносен ремен со 3 точки средишно на задната клупа и трет потпирач за глава назад (JA имаше само појасен ремен), Isofix за детско седиште, ABS, асистент при сопирање, самостојно запирање при опасност од судир при возење во град, препознавање пешак или велосипедист на пат, контрола на тракција, контрола на стабилност, динамични стоп светла, диодни предни светла, автоматски светла, препознавање замор, систем за задржување во лента, камера за знаци, приспособлив темпомат, автоматско долго светло. Неверојатно е колкав обем на безбедносни системи денес се грижат за возењето, за патниците и за сите учесници во сообраќајот.

МАРКА

KIA

KIA

 

Модел

Sportage 1.6 GDI

Sportage 2.0

Моделска серија Sportage (NQ5) (од 01/22) Sportage (JA) (01/95 – 11/01)
Фабрички код NQ5 JA
Почеток на продажба во Европа 01/22/22 01/01/95
 

МОТОР И ПОГОН

Вид на мотор Ото Ото
Код на мотор G4FP
Највисока моќност во kW 110 94
Највисока моќност во КС 150 128
Вртежен момент 250 Nm 175 Nm
Вид на гориво супер обичен
Вид на погон напред на сите тркала
Вид на менувач мануелен мануелен
Број на степени 6 5
Класа на емисија Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR Euro 2
Конструкција на мотор Во линија Во линија
Пречистување издувни гасови Филтер за честички регулиран катализатор
Број на цилиндри 4 4
Подготовка на смеша Директно впрскување Индиректно впрскување
Натполнење Турбо
Број на вентили 4 4
Зафатнина 1598 ccm 1998 ccm
Моќност / Вртежен момент 110 kW (150 КС) / 250 Nm 94 kW (128 КС) / 175 Nm
Највисока моќност при врт./ min. 5500 /min 5300 /min
Највисок вртежен момент при врт. /min. 1500 /min 4700 /min
Автоматски старт-стоп Сериски
Препорака за промена на степен Сериски

ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ

Должина 4515 mm 4245 mm
Ширина 1865 mm 1730 mm
Висина 1650 mm 1650 mm
Меѓуоскино растојание 2680 mm 2650 mm
Растојание од подлога 170 mm
Круг на вртење 10,9 m
Агол на пристап напред 17,0 степени
Агол на излес назад 26,4 степени
Агол на рампа 16,7 степени
Багажник 591 l 373 l
до долен раб на прозорци при соборена клупа 640 l
до покрив 1780 l
Празно возило (EU) 1526 kg 1438 kg
Дозволена тежина 2085 kg 1928 kg
Носивост 559 kg 490 kg
Приколка со сопирачки до 12% 1650 kg 1800 kg
Приколка без сопирачки 750 kg 600 kg
Тежина врз кука 100 kg
Носивост на покрив 100 kg 100 kg
 

КАРОСЕРИЈА И ПОДВОЗЈЕ

Каросерија SUV SUV
Врати 5 5
Класа Компакт Компакт
Седишта 5 5
Пружини напред Навојни Навојни
Пружини назад Навојни Навојни
Сервоуправување Сериски Сериски
Сопирачки напред Диск Диск
Сопирачки назад Диск Барабан
Гуми 215/65R17 205/70R15
Контрола на притисок во гуми Сериски
Вид на контрола на притисок во гуми директно мерење (сензор)
 

ПЕРФОРМАНСИ

Забрзување 0-100km/h 10,3 s 14,7 s
Највисока брзина 182 km/h 166 km/h
Бучава во возење 68 dB
Потрошувачка во град (третински микс) 13,0 l/100 km
Потрошувачка при 90 km/h (третински микс) 8,5 l/100 km
Потрошувачка при 120 km/h (третински миск) 11,9 l/100 km
Просек (третински микс) 11,1 l/100 km
Потрошувачка во град (NEDC) 7,8 l/100 km 15,4 l/100 km
Потрошувачка на пат (NEDC) 5,5 l/100 km 9,4 l/100 km
Просек (NEDC) 6,3 l/100 km 11,6 l/100 km
CO2 (NEDC) 144 g/km 273 g/km
Потрошувачка во град (WLTP) 8,5 l/100 km
Потрошувачка на периферија (WLTP) 6,7 l/100 km
Потрошувачка на спореден пат (WLTP) 6,1 l/100 km
Потрошувачка на автопат (WLTP) 7,4 l/100 km
Потрошувачка просек (WLTP) 6,7 l/100 km
CO2 просек (WLTP) 152 g/km
Резервоар 54,0 l 60,0 l
 

ГАРАНЦИИ

Гаранција на возило 7 години или 150.000 km 3 години или 100.000 km
Гаранција на лак 5 години или 150.000 km 3 години
Гаранција за заштита од корозија 12 години 5 години

Kia Sportage: Иновацијата се гледа надвор, се чувствува зад воланот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Нафтените концерни со рекордни заработки

Голем Citroen, малку на струја, активно подвозје: Што повеќе од тоа?