Од стартот на првата генерација на Kia Sportage во 1993 година, од најпродаваната моделска серија на Корејците се произведени повеќе од седум милиони примероци.
Kia го почна одбележувањето на триесетгодишнината на популарниот Sportage со лансирање на специјалната серија во таа чест, наменета за корејскиот пазар. Со повеќе од седум милион продадени примероци во петте генерации досега, Sportage е најпродавана моделска серија на Kia на светскиот пазар уште од 2015 година.
Компактниот СУВ-модел верно ja прикажува целта на Kia, да произведува возила што се иновативни, изработени се квалитетно и изгледаат привлечно. „Kia Sportage беше револуционерен модел уште од првиот ден,“ кажува Тае Хун (Тед) Ли, виш потпретседател и оперативен шеф за глобалниот пазар. „Во триесетте години, тој остана верен на своите револуционерски корени, донесувајќи врвна безбедност, перформанси и дизајн за возачите ширум светот.“
Во чест на огромниот придонес на моделот за успехот на Kia, специјалната серија за 30-годишнината ги нагласува неспоредливиот комфор и луксуз, што се додаваат на веќе атрактивната комбинација, прикажувајќи ја иднината на марката, и воедно прославувајќи ја историјата на моделот
Тае Хун (Тед) Ли, виш потпретседател на Kia
Како се одвиваше напредокот на Kia Sportage низ генерациите

Како модел што рано се вклучи во создавањето на трендот, Sportage има посебно значење на Kia, како прв самостојно развиен модел за извоз. Првата генерација на Sportage се издвојуваше со елегантните линии, просторната внатрешност и со комфорното возење. Моделот со тоа уживаше посебно место, разликувајќи се од традиционалните теренци што беа повеќе посветени на теренското возење.

Посебноста во конструкцијата на Sportage беше во принципот на каросерија поставена врз носечка рамка, во вклучувањето на погонот на сите тркала преку копче, во навојните пружини за задната оска – место вообичаените листести пружини, како и во воздушната перница за колената на возачот. Одлично осмислен, моделот постигна значителен успех на пазарот во САД и го изгради имиџот на Kia како успешна марка.
Во втората генерација, Sportage премина на самоносечка каросерија, што донесе ново ниво на комфор. Во меѓувреме и пазарот почна да пројавува сé поголем интерес за СУВ-моделите, па и продажбата на Sportage II двојно го надмина претходниот модел. Главниот нагласок беше поставен на квалитетот и безбедноста. Како резултат, Kia се најде на врвот на листата на JD Power (Apeal) во 2005 година.

Третото колено на моделската серија, познато како Sportage R (Revolution), преку својот дизајн го отсликуваше иновативниот пристап во конструирањето на моделот. Забележан широко на светската сцена, Sportage во оваа генерација надмина два милиони примероци.

Сите го препознаваа „тигарскиот нос“, а реагираа и експертите со доделување на одликувањa од рангот на iF Design, Good Design, и Red Dot. Безбедноста се потврди со максимални пет ѕвезди на Euro New Car Assessment Programme (NCAP) во 2010 година. Американците (IIHS) го избраа за едно од најбезбедните возила на пазарот во 2011 година. За квалитетот повторно посведочи врвното рангирање на истражувањето за квалитетот на возилата, од страна на J.D. Power (во 2013 година, во 2015 година).
Четвртата генерација се посвети уште повеќе на безбедноста и на функционалниот комфор. Sportage пак се докажа на краш-тестовите со мало преклопување (IIHS) и освои одлични оцени за системите за асистенција. Kia реши да го прошири кругот на купувачи на Sportage и во гамата воведе послаби и подостапни мотори, дополнително на вообичаените погонски единици.

Откако беше воведен во 2015 година, Sportage IV до денес е најпродаван модел на Kia
Актуелната генерација стартуваше во 2021 година и пак стави нагласок на безбедноста, но и на двете различни изведби на каросеријата – една за Европа, друга за САД и Азија (на сликата подолу), потоа на зголемените димензии, со коишто Sportage се приближи до СУВ-моделите од средната класа. Дизајнот е олицетворение на филозофијата на „Обединети спротивности“ на Kia. Гамата од погонски единици е најразновидна, од хибрид, приклучен хибрид, преку класичните бензинци и дизели, до изведба со погон на автогас за некои пазари.

Што прави серијата во чест на 30-годишнината на Kia Sportage да биде посебна
За да се одбележи успехот на Sportage, Kia подготви специјална серија со збогатена опременост, во насока на комфорот и безбедноста, но додавајќи на тоа луксуз и ексклузивна појава.
Најдобар пример колку е посебен моделот се ламинираните странични стакла, што дополнително го стишуваат возењето. Во пакетот воздушни перници се воведени и странични воздушни перници на задната клупа, што е веројатно единствено во класата. Тоа обично се добива со доплата.
За каросеријата може да се избира меѓу две ексклузивни бои, во зелена и во црна нијанса. Седиштата се обложени со скап велур и украсени се со посебна шара. Во потпирачите за глава е втиснато логото за 30-годишнината на моделот.
Во надворешноста е зголемен опфатот на делови што се изведени во сјаен финиш во црна боја.
Моделот засега се нуди само на домашниот корејски пазар, а понатаму ќе биде достапен на избрани пазари.
















