за

Киа Соренто со светла по углед на електричниот ЕВ9

СУВ-знаменосецот на Киа доби освежен изглед, уште еден напредок во комфорот и нова технологија.

Киа Соренто во освеженото моделско годиште треба наскоро да започне со продажба на европскиот пазар.

Од дизел до приклучен хибрид, со пет, шест или седум седишта, но секогаш со многу луксуз и честопати со наслов на најпродаван модел на Киа на домашниот, корејскиот пазар. Соренто доаѓа со нов изглед во моделското 2024-то годиште.

Соренто е модел што веќе рутински си го наоѓа своето место на пазарот по сите генерации и години досега, па Киа одамна го немаше потсетено пазарот на постоењето на луксузниот СУВ и европски знаменосец на марката.

Освежената мделска изведба јасно се распознава по целосно сменетиот изглед на носот. Дизајнерите додадоа и неколку нови бои, има и новини во подрачјето на комфорот, боите и материјалите во кабината. Арсеналот од системи за асистенција пак е надграден со нови помошници.

Промените во носот почнуваат од хаубата, што прави предниот дел да изгледа помасивно. Логото се пресели од маската на хаубата. Светлата имаат вертикална ориентација, за разлика од претходникот чијшто светла беа поврзани во оптичка целина. Задните дводелни светла ја задржаа формата, тие и досега беа ориентирани вертикално.

Сосем нов дизајн прикажува и маската, со решетка со тридимензионална структура. Предните трепкачи се вклучуваат секвенцијално, а графиката на дневните светла потсеќа на „стар мап“ шемата, што е обележје на електричниот знаменосец Киа ЕВ9.

Во предниот браник е нагласена заштитата на подвозјето, а соодветно е зголемен и отворот за воздух. Долу во краевите на браникот се додадени исправени канали заради аеродинамичност, во линија со светлата над нив. Има и нова форма за магленките.

Промените отстрана се сведуваат на новиот дизајн на украсниот панел на преодот од предните крила во вратите. Секако дека и тркалата добија нов дизајн. Може да се избира до пречник од 20 инчи.

Дводелните задни светла ги спојува тенка лента во горниот дел. Светлечката графика го следи „стар мап“ примерот на предните дневни светла. Браникот исто така ги следи промените од носот.

Три металик бои се нови во понудата од вкупно десет бои за Соренто: Вулкански песок, инерсетелар сива (позната од ЕВ6) и ситискејп зелена (позната од кросоверот Ниро).

Стил, удобност и одржливост во кабината

Таблата со инструменти и средишната конзола добија нов дизајн. Намера на дизајнерите е преку надолжни линии да се нагласи ширината на кабината. Истата функција ја има и амбиенталното осветлување, со избор од 64 бои.

Главниот збор го има заоблениот панорамски дисплеј, што е познат уште од стартот на моделот. Новина е полето за ракување под дисплејот со два вртливи регулатори и редица сензорски прекинувачи со директен пристап до функциите.

Овие регулатори и копчиња имаат по две функции и со само една команда се префрлуваат, на пример, од команди за климата, во команди за радиото. Во спортските нивоа, таванот е црн, а долу светкаат алуминиумски спортски педали. Топ-изведбите доаѓаат со голем стаклен покрив.

Седиштата и досега нудеа вентилација, греење, меморија, електрично местење. Новина се „премиум релаксирачки седишта“ напред, со можност за целосно спуштање. Уште една новина има за возачкото седиште, тоа е опцијата за „ерго моушн“, со седум воздушни комори што служат за масажа.

Високата технологија ја следи оваа генерација на Соренто уште од старт. Браншата се развива постојано и нормално е дека во меѓувреме има уште неколку ставки да се додадат. Тоа важи за можноста седиштето, радиото, климата, навигацијата, да се нагодат автоматски по желба или за секој различен возач, со читање отпечаток на прст.

Со дигиталниот клуч се овозможува со возилото да се ракува преку овластен телефон. Во внатрешниот ретровизор се прикажува слика од задната камера, кога клупата е зафатена и ја ограничува прегледноста наназад. Порасна и проекцискиот дисплеј, сега со пречник од 10 инчи, место 8,5 инчи претходно.

Средишниот инфо-дисплеј досега имаше пречник од 10,25 инчи, отсега и тој има иста големина со инструјментите, односно 12,3 инчи (31,2 сантиметри)

На светските патници ќе им се допадне асистентот за автопат, којшто може со едноставна команда самостојно да го престрои Соренто за да престигне возило и потоа да го врати во лента.

За скапоцената Киа да не се изгребе при паркирање, се грижи унапредениот приказ на просторот околу возилото во 360 степени, сега со тридимензионална слика.

Уште една комфорна функција е самостојното затворање на багажникот, кога возачот ќе излезе од просторот што го нагледуваат сензорите.

Тестот на Киа Соренто во Аутомедиа по премиерата во 2021 година

Тест · Kia Sorento 2.2 CRDi Premium

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Белгија задолжителна проверка за дрога по судир

Наследникот на Фолксваген Голф ќе биде електричен автомобил