Kia Rio во комбилимузинска изведба освои награда за најдобра противвредност во САД во изборот на Vincentric. Станува збор за водечка организација за споредување на трошоците за поседување одреден модел на автомобил.
Американскиот Vincentric веќе ги има автомобилите што им нудат најмногу за парите на сопствениците. Kia Rio со 5 врати е прогласен за модел со најдобра противвредност во САД во градската класа.
Шон Јун, претседател и извршен директор на Kia за Северна Америка, објаснува дека „трансформацијата на Kia во авто-компанија од светска класа ѝ донесе на марката бројни признанија за цела низа модели, а најновото одликување од Vincentric е уште едно признание за посветеноста на Kia во квалитетот и противвредноста“.
По пример на европскиот модел, Rio доби неколку освежувања и за пазарот од другата страна на океанот. Според Kia, моделската изведба со 5 врати им е привлечна на клиентите што бараат стилска ефикасност. Дисплеј од 8 инчи и камера за рикверц се стандард, заедно со диодни светла и автоматска клима.
Дејвид Вурстер, од Vincentric го образложува одликувањето: „Kia Rio има најниски трошоци за поправка и најмал губиток на вредноста од сите комбилимузини во градската класа. Овие ниски трошоци придонесоа за Rio да ја престигне конкуренцијата во изборот за најдобра противвредност во Америка за 2021 година и да ја докаже својата вредност на пазарот.“