Како што тоа обично успева кај Kia, една добра вест претходи на кон друга добра вест. Корејската марката во минатата година го надминала резултатот од преклани за 6,5 проценти. Уште подобро од тоа: Ако се смета само извозот, тогаш растот е уште поубедлив и изнесува 9,1 проценти.
Во текот на минатата година ниту на моменти не постоеше сомневање дека Kia ќе ја заврши годината со позитива. Прашањето беше само колку ќе биде надминат резултатот од првата пандемиска година. Точно до едно, Kia во ‘21 продала на светскиот пазар 2.777.056 возила, за 6,5 проценти повеќе отколку преклани.
Доколку се гледаат само резултатите од извозните пазари, тогаш Kia продала 2.242.040 возила, што е за 9,1 проценти подобро отколку во ‘20. На домашниот пазар, Kia пласирала 535.016 возила. Корејскиот производител извезува над 80 проценти од својата продукција.
Голем е предизвикот за годината која штотуку започна. Планот е во 2020 година да се надмине тримилионска продажба на светскиот пазар. Стратегијата за тоа да се постигне предвидува задржување на растот во продажбата, преку оптимизирано производство и борба за лидерство во продажбата на електрични возила.
Декемвриските резултати покажаа дека Kia е релативно имуна на промените во обемот на производството и продажбата. Додека повеќето производители пријавија пад, Kia и во декември напредуваше за 4,0 проценти и на светскиот пазар продаде 208.965 возила.
Најпродаван модел, што одамна не е изненадување, секако е Sportage. Од компактниот СУВ со глобален успех, лани биле продадени 363.630 возила. Втор е помалиот СУВ-модел Seltos, со 298.737 примероци, исклучително популарен во САД и во Австралија – моделот е слично позициониран како што е Stonic во Европа. Трет модел е компактната лимузина Forte, којашто на корејскиот пазар ја носи ознаката K3. Неговата продажба достигнала 240.627 примероци.
Според соопштението од Kia, растот во продажбата во минатата година е постигнат „благодарение на ефикасното управување со синџирот од добавувачи и успешното лансирање нови модели, вклучувајќи ја Kia EV6“.
Планот за 2022 година е продажбата да достигне 3,15 милиони возила. На домашниот пазар се цели на 562.000 возила, додека за извоз се планираат 2,59 милиони возила.
Од неколкуте нови модели што ќе имаат премиера годинава, се издвојуваат Kia EV6 GT, што е изведба со највисоки перформанси и спортски карактер на електричниот кросовер. Следи и почеток на продажбата на новата генерација на Niro, модел што се произведува само во Кореја и претставува важен столб во стратегијата за електрификацијата на моделската гама, достапен со хибриден и приклучен хибриден погон. Моделот во заминување е во Топ 10 на најпродавани модели со чисто електричен погон на европскиот пазар во минатата година.

Една од најголемите премиери што ги очекуваме во ‘22 ќе следи уште во почетокот на годината, токму од Kia. Очекуваме Киа Моторс Македонија да објави пристигнување на новата генерација на Kia Sportage.
>>> Kia Sportage и во октомври најпродаван автомобил во Македонија
Целата моделска понуда на Kia на македонскиот пазар, со технички податоци, опрема и цени, можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/
















