за

Mercedes-Benz мора да сними филм за овој автомобил: Vision EQXX

Ако на моменти се чинеше дека во ерата на електромобилноста ќе слушаме само за поголеми батерии и посилни електромотори, Mercedes-Benz со Vision EQXX нé уверува дека допрва станува возбудливо.

Автомобил што не знае за време, средства и пазарни законитости, создаден со единствена цел да го одушеви светот од технологијата и умешноста со коишто денес располага автомобилската индустрија. Тоа е Mercedes-Benz Vision EQXX.

Досегот и ефикасноста се клучни зборови во ерата на електромобилноста. Големиот досег влева спокојство и сугурност при долги патувања, а во исто време, високата ефикасност овозможува со помала и полесна батерија да се постигне повеќе. Mercedes-Benz владее добро со електричниот погон. Луксузниот крстосувач EQS 450+ на тестот на американскиот Edmunds возеше 422 милји (679 km) со полна батерија. Тоа се 77 милји повеќе од кој било друг електричен автомобил на тест во организацијата.

Mercedes-Benz сега оди уште еден чекор понапред. Дигиталните симулации покажаа дека концептниот автомобил Vision EQXX може да извози повеќе од 1.000 километри со едно полнење. За да се постигне оваа историска вредност, инженерите во Штутгарт оптимираа во секое подрачје што влијае врз досегот. Тоа почнува со гуми со намален отпор, до коефициент на аеродинамичност cw 0,17, но и најсовремен софтвер се покажува на дело.

Развојот на концептот Vision EQXX траел само една и пол година, со цел да се конструира најефикасниот Mercedes на сите времиња. Потрошувачката на енергија е под 10 kWh на 100 километри. Тоа е речиси двојно помалку од постоечките електрични крстосувачи. Батеријата со којашто се постигнува досег од преку 1.000 километри, доволно е компактна да се вгради во градски автомобил.

На тоа мислат во Штутгарт, кога зборуваат за бионика – така изгледа носечката структура на задниот дел од EQXX, со „материјал“ само на местата што се носечки, односно каде што има потреба од материјал; Тежината на возилото изнесува само 1,75 тон

New item by Automedia MK / Google Photos

За разлика од вообичаената практика во браншата, кога поголем досег се постигнува „едноставно“ со вградување поголема, потешка и поскапа батерија, Mercedes-Benz при конструирањето на Vision EQXX имаше цел да извлече максимум во подрачјето на аеродинамичноста, намалувањето на тежината, ефикасноста на погонот, но и во енергетската густина на батеријата.

Во развојот на автомобилот учествувале и инженерите од тимовите на Mercedes-Benz во Формула 1 и во Формула Е. Тоа е доказ дека мотоспортот и натаму е важен за развојот на автомобилската техника.

Повикувајќи се на насловот: Многу работи во EQXX што изгледаат „вообичаено“, имаат многу поголем обем на функции отколку што може да се претпостави. Широкиот дисплеј, на пример, по целиот кокпит, можеби изгледа само како многу широк дисплеј (47,5 инчи, 8К-резолуција – 7680 x 660 точки), но во него се крие вештачка интелигенција што го имитира начинот на функционирање на човечки мозок. Затоа велиме дека Mercedes-Benz мора да сними филм за овој автомобил. Видео од три четири минути, не е доволно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Верно на традицијата на иновирање, EQXX е возило што има добиено хомологација за учество во јавен сообраќај. Тоа значи дека овој вонземски автомобил ќе се појавува во уште бројни пригоди.

Батеријата со капацитет од близу 100 kWh има за 50 проценти помала зафатнина и за 30% е полесна од батеријата во Mercedes-Benz EQS, којашто и самата е шампионска во браншата.

За дополнително напојување на помошните агрегати со електрична енергија служат 117 соларни ќелии на покривот. Во развојот на системот учествуваа експертите од Институтот за соларни енергетски системи при Универзитетот Фраунхофер, кој е водечка адреса во Европа за соларни системи. Овие ќелии можат да заштедат до 25 километри досег, во совршени услови и при долги патувања. Моментно се работи за оваа енергија да се користи и за полнење на батеријата.

Дотаму досега иновативноста и радикалноста во овој автомобил, така изгледаат пружините на Mercedes-Benz Vision EQXX

New item by Automedia MK / Google Photos

Импресивен детаљ е задниот дифузор што се извлекува зад опашот кога ќе се надминат 80 километри на час. Обемната работа при развојот на тој дифузор за којашто зборуваат инженерите во Штутгарт, единствено водат кон заклучок дека овој корисен трик за аеродинамичноста може наскоро да стане реалност во сериските модели на Mercedes.

Аеродинамичноста е големо поглавје кај EQXX. Ширината на трагата на задната оска, на пример, помала е за 50 mm отколку трагата на шредните тркала. Така се овозможува задните тркала да останат во „сенка“ на носот на возилото.

„Спојлерите“ денес не се горе, туку долу. Задниот дифузор се извлекува над 80 km/h

New item by Automedia MK / Google Photos

Vision EQXX е меѓу првите возила на Mercedes-Benz во коишто е вграден челик со ултрависока цврстина MS1500 за каросериската школка. Вратите се изработени од композитен материјал, односно од карбон и фиберглас, во комбинација со алуминиумска носечка структура. Нов вид полиамид се користи во дното на вратите, заради подобрување на абсорпцијата на енергијата при судир.

Уште бројни подрачја од овој носител на врвна технологија остануваат неоткриени. Од Штутгарт сепак даваат мошне делотворна помош за сцената вистински да го разбере овој автомобил: Mercedes-Benz EQXX, кога би имал мотор со внатрешно согорување, потрошувачката на гориво би изнесувала помалку од еден литар гориво.

Место илјада фотографии:

Целата моделска понуда на Mercedes-Benz на македонскиот пазар, со технички податоци и цени за секој модел, можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia лани со раст од 6,5 проценти, планот за годинава над три милиони

Акциите на Tesla пораснаа по рекордната продажба