Корејскиот производител Kia денес свечено ја почна изградбата на фабриката за производство на батериски електрични возила, што се конструирани наменски за најразлични услови на користење.
Новата фабрика на Kia се гради во Хвасон, во областа Кенгидо во Јужна Кореја. На свеченоста присуствуваа околу 200 гости, вклучувајќи ги владините претставници, претседателот на Kia и извршен директор, Хо Сунг Сонг, како и бројни други гости од браншата.
Kia планира до 2030 година да вложи 24 трилиони корејски вони (16,6 милијарди евра) во домашно производство на електрични возила. Целта е групацијата на Kia, односно Јужна Кореја, да се вбројува меѓу трите водечки производители на електрични возила во светски рамки.
Вложувањата зафаќаат во сите подрачја, почнувајќи од истражување и развој, преку производство, до изградба на мрежа од полначи. Крајната цел е „да се предводи браншата во промените што претстојат и да се воведуваат иновации во новата глобална автомобилска индустрија,“ говореше претседателот Хо Сунг Сонг на свеченоста.
Напредна паметна фабрика со капацитет за 150.000 возила годишно
Kia ќе плати еден трилион вони (околу 695 милиони евра) за земјиштето. Фабриката се очекува да започне со сериско производство во втората половина на 2025 година. Во првата полна година е планирано да се произведат 150.000 возила. Како што пазарот ќе се развива понатаму, фабриката ќе се проширува.
Фабриката за PBV (Purpose-built vehicle, наменски конструирани возила) ќе ги користи истите начела на зачувување на животната средина, како останатите фабрики на Kia.
Меѓу иновативните процеси за производство се издвојува „целуларната метода“, којашто овозможува возилата да се изработат зависно од потребите на клиентите.
Методата се состои во тоа што се групираат машини или работни станици, што се користат за производство на слични производи и делови. Целта е да се подобри ефикасноста, преку скусување на патот што во фабриката во поминуваат материјалите и возилата. Тоа се постигнува главно преку соодветно поставување на редоследот на машините. На тој начин се скусуваат и трошоците, а се подобрува и ефикасноста.
Од иновативните технологии, се спомнуваат автоматизација на постројките, преку користење машинско учење и примена на вештачка интелигенција. Проверката на квалитетот на лакирање ќе се врши автоматски, исто како и поставувањето на стаклата, логото и моделското име на автомобилот.
Во фабриката ќе се користи природна светлина, а воедно ќе се исклучат напорните позиции, на коишто работниците би морале да работат со подигнати раце. Во новата фабрика на Kia ќе се внимава дури и бучавата да биде колку е можно помала.
Првиот наменски модел (PBV) е планиран да стартува со производство во 2025 година
Kia ќе го прикаже автомобилот што се развива под ознака SW во 2025 година, како прв наменски модел на компанијата. Тоа ќе биде модел од средната класа, базиран врз електричната платформа eS. Оваа скејтборд-платформа е конструирана посебно за електрични PBV и овозможува најразлични видови каросерии да се поставуваат врз неа.
SW е осмислен како модел што ќе одговара за најразлични примени, како што се испорака на пратки, шоферска служба и B2B (business-to-business) трансакции. Висината на кабината ќе одговара на човечка висина, а возилото воедно ќе располага со голема просторност и со висока носивост.
По SW ќе следи поголемо возило, што ќе се користи на пример за достава на храна, за заеднички превоз, како и за мобилни канцеларии и продавници. Исто се во план и роботски такси возила со мала и средна големина – коишто ќе располагаат со технологија за автономно возење.
Групацијата планира продукцијата на електрични возила во Јужна Кореја да ја зголеми од сегашните 1,51 милион возила на 3,64 милиони возила до 2030 година
На завршетокот на деценијата, корејската групација ќе располага со вкупно 31 модели, вклучувајќи и модели под марката Hyundai. Наскоро следи продажниот старт на семејниот кросовер со место за седуммина патници, електричниот EV9.
















