Голем настан денес за корејската групација. Kia и Hyundai одржаа онлајн-презентација на наменската платформа за електрични возила E-GMP. Сите идни електрични модели од двете марки ќе ја користат оваа платформа
Новата електрична платформа E-GMP ќе почне да се применува уште в година, со првиот модел на Kia што ќе се нуди само со електричен погон, како и со Hyundai Ioniq 5. Предностите на новата платформа, што ги следи истите начела како MEB на Volkswagen, се состојат во самото тоа што платформата се развива исклучиво за електричен погон. Досегашните електрични модели на Kia и Hyundai користеа заеднична платформа со модели со обичен погон. E-GMP ќе биде пофлексибилна, со посилни перформанси, зголемен досег, врвнма безбедност и повеќе простор во кабината, поради тоа што електричниот погон е покомпактен и пофлексибилен.
E-GMP се темели врз модуларност и стандардизација, што овозможува брз и поедноставен развој на нови модели од сите класи и сегменти, вклучувајќи лимузини, СУВ и купе-СУВ. Малку детали се откриваат околу идната гама, но е нагласено дека идниот врвен спортски модел на батерија ќе спринтува до темпо сто за 3,5 секунди и ќе постигнува 260 km/h.
При развојот е посветено внимание на возните својства во свијоци и на стабилното држење правец при висока брзина. За тоа придонесува рамномерната распределба на тежината меѓу двете оски, а секако и исклучително ниското тежиште.
Водењето на тркалата на задната оска користи пет водилки, а дел од платформата претставува и првата масовно произведувана интегрирана погонска оска IDA, којашто го подобрува комфорот и ја олеснува управливоста.
Посебен систем за ладење помага да се подобрат перформансите на батеријата
Енергетската густина на батеријата е зголемена за 10% во споредба со постојните батерии во елеткричните модели на Kia и Hyundai. Самата батерија е полесна, може да се постави ниско во подот и да остави многу простор за патниците во кабината. Голем дел од подобрувањата во батеријата доаѓаат од новиот систем за ладење на истата.
Моќниот електромотор, преносот и инвертерот се соединети во компактен модул. Меѓу предностите од новата конструкција спаѓа и фактот што максималниот број на вртежи на електромоторот може да се зголеми до 70 проценти во споредба со постоечките. Тој е во исто време покомпактен и полесен од моторите со слична моќност.
Со примена на полупроводници со силицуим карбид (SiC) во инвертерот се подобрува ефикасноста на системот за 2 до 3 проценти, што понатаму значи дека досегот со батерија со иста големина ќе биде до 5 проценти подолг во споредба со постоечките системи.
Нагласокот при развојот на E-GMP е ставен на погон на задната оска. Корејскиот концерн ќе нуди и верзии со погон на сите тркала, кои дополнително ќе поседуваат електромотор напред. Голема флексибилност ќе постои и во поглед на големината на батеријата.
Клучната предност на новата платформа е во полнењето. Постоечките електрични автомобили користат полначи со моќност до најмногу 50 или 150 kW и се опремени со 400-волтен систем. Kia и Hyundai со E-GMP се ориентираат на новата мрежа со 800 волти и полначи со моќност до 350 киловати.
Од таа причина, групацијата вложува масивно во Ionity, европска мрежа од брзи полначи, моментно со 308 станици за супербрзо полнење, кои се поставени главно на европските магистрални патишта. До 2022 година, нивниот број ќе се зголеми на 400 станици, со 51 станица моментно во изградба.
Убавата работа е што E-GMP ќе може да ја користи и 400-волтната архитектура, без адаптери. Тоа го овозможува првата технологија што е патентирана во светот за полнење преку повеќе системи.
Досегот ќе надминува 500 километри според новите реални норми. Наполнетост од 80 проценти ќе се постигнува за само 18 минути, а енергија за 100 километри пат ќе се полни за само пет минути.
Уште една новина е тоа што енергијата во батеријата ќе може да се користи и за напојување на домот или на какви било надворешни потрошувачи со напон од 110 или 220 волти. Дури ќе може да се полни и друго електрично возило. Како пример, клима уред со средна големина и телевизор од 55 инчи може цел ден да се напојуваат со енергија од електричната Kia или Hyundai.
Со новата платформа ќе се реализира планот до 2025 година да се понудат вкупно 25 модели со погон само на струја, од кои 11 ќе бидат строго електрични модели без варијанта со друг погон. Планот предвидува и до половината на деценијата да се продадат над 1 милион чисто електрични возила.