Porsche Ventures, огранокот на спортската марка што инвестицира во компании во развој, го потпомага развојот на фитнес-огледалото на берлинската компанија Vaha. Нивниот изум е огромен дисплеј што со помош на вештачка интелигенција отвора сосем нови можности за тренинг во домот.
Компанијата Vaha е основана во Берлин пред една и пол година, и со својот изум го привлече вниманието на Porsche Ventures, одделение во рамките на Porsche што им помага на компаниите во развој да се пробијат на пазарот.
Нивното огледало за вежбање моментно нуди над 500 „Workouts on demand“ – почнувајќи од вежби за кондиција, преку кревање тегови, до јога. Вештачка интелигенција го следи секое движење на спортистот и во реално време укажува на грешки при изведувањето на вежбите пред огледалото.
Дополнителна можност е корисникот на Vaha да учествува на курсеви во живо, преку виртуелно поврзуваање со други спортисти. Преку огледалото може да се букира и „личен тренинг“ во 1:1 контакт со тренерот.
Инвеститорите на марката од Штутгарт во октомври се вклучија и во американскиот стартап Playbook, што организира фитнес-платформа. Porsche Ventures е основана во 2016 година и оттогаш им има помогнато на повеќе од 20 компании во развој. Постојат шест канцеларии ширум светот, а 20 лица се активни во откривањето на „младите таленти“ меѓу компаниите. На годишно ниво стојат на располагање до 150 милиони евра. Секако дека и Porsche Ventures профитира од инвестициите.
Во Vaha се вложуваат неколку милиони евра. Дел од компанијата е голманот на германската фудбалска репрезентација Мануел Ноер.