Британскиот производител Jaguar Land Rover денес ги потврди гласините од минатата седмица за отпуштање на 1.000 работници и скусување на продукцијата во фабриките во Солихал и Хејлвуд. Причина за оваа драстична мера е намалениот пазарен интерес за возила со дизел мотор.
На илјада работници во фабриката во Солихал не им се продолжува агенцискиот договор. На нивно место пристигаат 360 работници од блиската фабрика во Касл Бромвич. Продажбата на возила со дизел мотор забележа драстичен пад, откако на повеќе важни пазари во Европа беа воведени повисоки даноци, а се најавуваат и нови забрани за сообраќај за овие возила во голем број градови. Тоа внесува несигурност кај купувачите, од коишто голем дел се решава за хибриден погон.
Девет од секои десет продадени автомобили на Jaguar Land Rover се дизели
Здружението на британски производители на автомобили објави податок дека 90% од продажбата на моделите на Jaguar и Land Rover во земјата отпаѓа на дизел, наспроти нивниот удел од 45% на глобално ниво. Во првото тримесечје се продадени 23.815 или за 20% помалку возила на Land Rover на домашниот пазар, додека падот кај Jaguar во истиот период изнесува 26%, со вкупно 9.709 продадени возила.
Во фабриката во Солихал се произведуваат Range Rover, Range Rover Sport, Range Rover Velar и Land Rover Discovery, како и Jaguar F-Pace. Во Касл Бромвич се произведуваат моделите на Jaguar, односно F-Type, XE, XF и XJ. Престои скусување на продукцијата и во фабриката во Хејлвуд, кадешто се произведуваат Range Rover Evoque и Discovery Sport.
Land Rover моментно има само два модела со хибриден погон – Range Rover и Range Rover Sport – додека Jaguar го има „електрифицирано“ единствено I-Type. Целосно електричниот кросовер стартува со продажба во октомври, по цена од околу 80.000 евра.
Овој Jaguar навистина вози на струја
Jaguar XEL со продолжена каросерија само за Кина
Jaguar XJ220 го „освои“ Силверстоун за 25-годишнината
Џејми Оливер претвори Land Rover во подвижна кујна
Сите досегашни генерации на Land Rover Discovery
















