Италија ѝ постави услов на Европската Комисија, под којшто ќе се согласи со решението со коешто ќе се одблокира планот на ЕУ, за нови возила со мотор со внатрешно согорување да не смее да се продаваат во Унијата по 2035 година. Условот што го поставува Италија е, по годината на пресвртницата, да се дозволи продажба на возила со мотор со внатрешно согорување, што користат биогорива.
Европската Унија мака мачи да ја одбрани својата главна политика за намалување на емисијата на СО2 од автомобилите, откако Германија во последна минута излезе со став дека се противи за законот, со којшто ќе се забрани продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година.
Италија и Германија заедно бараа ЕУ да дозволи продажба на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година, доколку тие користат исклучиво е-горива, што имаат неутрална емисија во поглед на СО2. Тоа е во интерес на производителите на автомобили со мотор со внатрешно согорување и делови за нив.
Во писмото што го упати до Комисијата неделава, Италија условува понуденото решение да мора да ги вклучи и биогоривата, односно горивата што се добиваат од биомаса, од растенија.
Во писмото во коешто новинската агенција Ројтерс доби увид, со датум од 21-ви март, потпишано од министрите за транспорт, животна средина и претприемништво на Италија, се критикува дека „СО2 неутрални горива, не се само е-горивата, туку и биогоривата мора да се земат предвид.“
Italy makes biofuel demand as EU attempts to unblock combustion engine phase-out https://t.co/2kHVshW5CE pic.twitter.com/eQ1S9W5UKr
— Reuters (@Reuters) March 22, 2023
Брисел е во преговори со Германија во обид да се надмине спорот. Некои службени лица се надеваат дека договорот ќе може да се постигне пред самитот на лидерите на ЕУ, којшто почнува во четврток. Полска и Чешка исто така се побунија за законот.
Во обид да најде решение, Комисијата предлага да им се дозволи на производителите да продаваат нови автомобили, но тие не смее да користат друго гориво освен е-горива, односно горива што имаат неутрална емисија на СО2. Во тој предлог, под „СО2-неутрални горива“ не се опфатени биогоривата.
Италијанските министри наведуваат во писмото, дека очекуваат Комисијата да излезе со предлог, со којшто ќе се дозволи по 2035 година да се продаваат автомобили што користат какво било гориво, што по неговото согорување во моторот, испушта исто толкава количина СО2, колку што е земено од атмосферскиот воздух при производството на горивото.