Италија сака згаснатите автомобилски марки да им ги продаде на Кинезите

Аутобјанки А112 Абарт со 70 КС, од средината на 1980-те. Подоцна од него произлезе и првата Ланчиа Ипсилон

Италијанската влада размислува по пат на декрет да ги преземе згаснатите автомобилски марки што денес се во сопственост на Стелантис, и истите да им ги понуди на кинеските компании. Намерата е Кинезите да се охрабрат за изградба на фабрики во Италија, објави италијанскиот дневен весник Ил Соле 24 Оре.

Планот би ги вклучил марките Иноченти и Аутобјанки, двете згаснати во 1990-те години.

Иноченти беше прочуена во 1960-те и 1970-те години, со производството на италијанска изведба на британското Мини, пред нејзиното преземање од Фиат, којшто сега е дел од концернот Стелантис.

Поранешниот огранок на Фиат, Аутобјанки, произведуваше отмени градски автомобили, од ковот на А112 и Ипсилон 10.

Весникот наведува дека италијанскиот министер за индустрија, пријавил верзии на двете марки во националното биро за патентирање и марки, во коишто се користат различни графики од оние што ги има регистрирано концернот Стелантис.

Министерството за индустрија, коешто според извештајот уште решава околу потегот, нема излезено со соопштение.

Стелантис им соопштил на Ројтерс дека е запознаен со објавите во медиумите, но нема добиено информации за такви планови од страна на владата.

Ил Соле наведува дека владината апропријација се овозможува преку законската одредба што беше изгласана во декември и преку работната верзија за имплементацијата на декретот, што во моментов се наоѓа на разгледување во Судот за Ревизија. Притоа се поаѓа од фактот што двете марки не се користеле најмалку пет години.

Откако ќе се најдат под контрола на владата, можно е тие да бидат дадени на „компании, вклучувајќи странски, што имаат намера да вложуваат во Италија или производствените активности лоцирани во странство ќе ги преселат во Италија,“ стои во законот.

Националистичката влада на премиерката Џорџа Мелони со месеци е на воена нога со концернот Стелантис, чијшто дел е Фиат, обвинувајќи го производителот дека ги запоставува историските производствени локации во Италија.

Владата води преговори со концернот, којшто е единствен голем производител на автомобили во земјата, за производството во Италија да се зголеми на 1 милион возила годишно. Мелони бара и проширување на домашната индустрија, со привлекување кинески производители во Италија.

Во четвртокот, Фиат во своето историско седиште во Торино, на северот на италија, првпат ја прикажа пред јавноста Гранде Панда, што ќе се произведува во Србија. Моделот беше претставен во чест на 125-годишнината на Фиат. Министерот за индустрија Адолфо Урсо, присуствуваше на настанот и повторно упати барање до Стелантис, да ги зајакне своите производствени активности во Италија.

Претходна објаваПоранешниот дизајнер на Ролс-Ројс избоден до смрт во својот дом
Следна објаваРено Рафал со целосно нов дизајн и само со хибриден погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here