за

Ionity до 2025 година ќе постави 5.000 нови брзи полначи

Сите активности во автомобилската сфера се водат околу електричниот погон, полначите, обезбедувањето чиста енергија до нив. Ionity вложува 700 милиони евра само во следните четири години, за мрежа што ќе опфаќа 1.000 станици со полначи.

Покриеноста со широка мрежа од полначи е како ‘рбет за електричното возење. Кoмпанијата Ionity до 2025 година ќе вложи 700 милиони евра за поставување на повеќе од 5.000 брзи полначи за електрични автомобили, покрај постоечките.

Компанијата Ionity, којашто претставува заедничко вложување на групацијата Volkswagen, со своите марки Porsche и Audi, и Daimler, BMW, Kia, Hyundai и Ford, најавува повеќе од 1.000 станици со брзи полначи со моќност до 350 киловати. Тоа ќе бидат најпретставителните станици со полначи во мрежата на Ionity. Паралелно и Audi воведува нова функција Plug & Charge за моделите Audi e-tron. Оваа услуга моментно е достапна само за Porsche и дозволува користење на полначот без потреба од пријавување во системот преку картичка или апликација.

Со мрежа од полначи во 24 држави, Ionity е најголем оператор со брзи полначи во Европа. Со вложување 700 милиони евра до 2025 година, бројот на брзи полначи, од постоечките 1.500 ќе се зголеми на 7.000 полначи. Станиците во иднина нема да се градат само на автопатиштата, туку и во близина на градовите, како и по најпрометните регионални патишта. Соодветно ќе се зголеми и бројот на станици со полначи, од моментно 400 на повеќе од 1.000 станици. Исто така е во план да се прошират голем дел од постоечките станици.

Новите станици уште од старт ќе бидат предвидени со шест до 12 полначи. Компанијата Ionity моментно бара ново земјиште за изградба на своите станици. Тие ќе бидат опремени исто како станиците за гориво на големите нафтени компании, со покриен простор над полналите, со ресторани и продавници.

Audi до 2025 година ќе има повеќе од 20 модели со погон само на струја во својата понуда. По 2026 година, новите генерации модели од Инголштат ќе бидат чисто електрични автомобили. Постоечките модели со бензински, дизел и хибридни мотори ќе продолжат да се произведуваат во предвидениот период.

Струјата што доаѓа до полначите на Ionity потекнува 100 проценти од обновливи извори, односно тоа е зелена струја.

>>> Порше ги постави првите турбо-брзи полначи во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz Actros вози 25 години

Škoda осумпати најдобра за читателите на Auto Zeitung