Во трката со електричните автомобили, ценетите германски производители го изгубија темпото, покажува влијателното здружение за животна средина ИЦЦТ, во своето годишно „Глобално рангирање на производителите на автомобили“, на тема електрични автомобили.
Организацијата во изминатите години им доделуваше високи места во светски размери на БМВ, Мерцедес-Бенц и Фолксваген, но сега новите конкуренти од Кина се пробиваат повисоко.
Германските производители ги изгубија местата во анализата на електричните автомобили
БМВ се спушти од третото на 5-то место, Мерцедес од четвртото место лани сега е на 7-мо место. Концернот Фолксваген, што пред две години беше петтопласиран, лани бил само на осмото место, што е едно место подолу од последниот извештај.
Наспроти тоа, силно напредуваат конкурентите од Кина. Џили, матичниот концерн на Волво, исто како и производителот на МГ (САИЦ) ги престигнаа БМВ и Мерцедес, и сега се наоѓаат на третото и 4-то место. Значително напредуваа и останатите производители од Кина, како Чанган, Чери или Грејт Вол.
„Овогодишното оценување докажува дека 2024 година беше пропуштена шанса за европските производители на автомобили“, објснува директорот на ИЦЦТ за Европа, Петер Мок. „Додека забрзува електрификацијата на глобалните автомобилски пазари, германските производители на автомобили, коишто се зависни од извозот, заостануваат и го чувствуваат притисокот.“
Тесла останува на првото место
Здружението ги рангира на првото и второто место Тесла, компанија на Илон Маск, и кинескиот предизвикувач БИД. Во минатата година, БИД првпат продаде повеќе возила од Тесла. Со години наназад, двата производитела се на врвот на рангирањето.
Местата се одредуваат според десет критериуми. Во предвид се земаат 21 најголем производител на автомобили во светски рамки. Критериумите се делат во три групи: Доминирање на пазарот, технолошка моќ и стратешка визија. Се одредува според потрошувачката на енергија на возилата, според користените суровини во производството и покривањето на повеќе класи автомобили.
Рангирање на 21 најголем производител на автомобили во светот во поглед на електромобилноста

БМВ, Мерцедес и Фолксваген со помалку бодови
Германските производители изгубија бодови во речиси сите категории, додека предизвикувачите од Кина ги зголемија бодовите во повеќето категории. БМВ, на пример, изгуби бодови поради забавувањето со електричните модели на марката Мини. Кај Мерцедес и Фолксваген во анализата недостигаат докази за рециклирањето на батериите. Поради тоа им е смален рејтингот.
Голем напредок постигна концернот Стелантис, со своите марки Опел, Пежо и Фиат. Тој го дели 5-то место со германскиот шампион БМВ.
Просечна брзина на полнење по производител

Јапонците и Корејците доцнат
Уште поголем заостаток имаат двата концерни од САД, Џенерал Моторс и Форд, како и Рено, коишто се на 11, 12 и 14-то место. На завршетокот на листата се производителите од Јапонија и Кореја, на коишто им припаѓаат последните шест места. ИЦЦТ оценува дека овие производители реагираат со доцнење на тема електромобилност.
Матичниот концерн на Џагјуар и Ланд Ровер, индиската Тата, што претходно исто така губеше бодови поради доцнењето, сега првпат се качува на чистата на ИЦЦТ, во поглед на трансформацијата, односно преоѓањето од мотори со внатрешно согорување кон погон без штетна емисија. Сите германски и европски производители исто така спаѓаат во оваа група.
Меѓународниот совет за чист транспорт ИЦЦТ има седиште во Вашингтон, САД. Организацијата во 2015 година го откри т.н. скандал со мерењето на емисијата на азотни оксиди од дизел моторите на концернот Фолксваген.
















