Во идната фабрика на Hyundai и Kia во Кина, во почетокот ќе се произведуваат по 6.500 системи со горивни ќелии. Капацитетот понатаму ќе се зголемува, согласно побарувачката. Изградбата се планира да биде завршена во втората половина на 2022 година.
Hyundai и Kia одржаа виртуелна цереномија на поставување камен темелник за HTWO Guangzhou, првата фабрика за водородни погони на групацијата, надвор од Кореја. Со оваа инвестиција, групацијата продолжува кон целта да стане лидер во водородниот погон во светот и воедно ги потпомага плановите на Кина за брз развој на индустријата за водород.
Името HTWO произлегува од H2, од молекулот на водородот, но во исто време асоцира и на Хидроген и на Хуманост. Површината на фабриката, заедно со центарот за развој, изнесува 207.000 метри квадратни.
Групацијата на Hyundai и Kia во 2018 година најави планови за проширување на капацитетот за производство на 700.000 системи од горивни ќелии годишно до 2030. Преку стратешки партнерства со компании за водород, енергија и логистика ширум светот, групацијата го проширува својот бизнис со водород, што ќе води кон забрзано преоѓање во „водородно“ општество, во замена за „нафтено“ општество.
Hyundai ix35 во 2013 година беше прво големосериско возило со погон со водород, а моментно го има во редовна понуда СУВ-моделот Hyundai NEXO, како и камионот и автобусот XCIENT.
Главниот конкурент на корејската групација е мошне моќен, имено Toyota исто така притиска силно на водородниот погон и постигнува солиден успех со својата лимузина Mirai, во меѓувреме во втора генерација.
















