
Меѓутоа, овластените дилери на Хонда во САД негодуваат за компанијата Сони Хонда Мобилити, оценувајќи го проектот со премиум електрични возила Афила, како скап излет додека пазарот во САД се соочува со намален пазар и ослабена побарувачка за електрични возила.
Некои трговци стравуваат, дека соработката што е отпочната во 2022 година, со намера да се спои забавната технологија на Сони со искуството на Хонда како производител на автомобили, претставува закана за нивниот начин на работа и за добивката.
Главен извор за незадоволството на дилерите е одлуката на компанијата Сони Хонда Мобилити да ги прескокне салоните на дилерите и директно да им продава на купувачите. Трговците стравуваат и дека новата компанија го одвлекува вниманието и ги троши ресурсите надвор од основниот бизнис на Хонда.
Бил Фајнштајн, претседател на советодавниот одбор на дилери на Хонда, вели дека овој потфат „уште во стартот е осмислен погрешно“ и сега претставува „товар“. Тој порачува Хонда да ги смали загубите и да спречи бескорисно трошење на ресурсите.
Афила 1 е електрична лимузина од средна класа, што во сериската изведба беше прикажана првпат на саемот ЦЕС во Лас Вегас лани, и ќе нуди можност за видеоигри во кабината и автопилот од ниво 2 плус.
Електричното возило ќе се склопува во фабриката на Хонда во Охајо, а испораката во Калифорнија ќе стартува пред завршетокот на 2026 година.
„Навистина е тешко да се сфати каква смисла има премиум електричен автомобил што чини над 90.000 долари, во услови кога побарувачката за електрични автомобили слабее, каматите се високи и се води жестока ценовна војна,“ вели Фајнштајн, сопственик на салон на Хонда во Тилтон, Северна Каролина.
И покрај негативните реакции од дилерите, компанијата Сони Хонда Мобилити продолжува. На саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во ЛАС Вегас во почетокот на јануари, компанијата ја прикажа Афила Прототип 2026, концептен СУВ што би можело да влезе во сериско производство во САД во 2028 година.

Дилерите поднесоа тужби во Калифорнија
Приемот на нарачки за Афила 1 во Калифорнија започна во минатата година, а компанијата планира да продава, испорачува и сервисира преку сопствени канали, вклучувајќи и партнерства со надворешни понудувачи на услуги.
Дилерите на Хонда се побунија. Калифорниското здружение на дилери на нови автомобили во мај испрати протестно писмо за запирање на работата на компаниите Американ Хонда и Сони Хонда Мобилити од Америка, наведувајќи дека тие ги прекршиле државните закони за франшизно работење.
Спорот се вжешти во август, откако дилерското здружение поднесе тужба пред Вишиот суд во Лос Анџелес против компаниите Американ Хонда Мотор, Сони Хонда Мобилити и нивните партнери. Во тужбата се наведува дека стратегијата за директна продажба ги прекршува законите на Калифорнија, коишто забрануваат производителите и субјектите што се поврзани со нив да се натпреваруваат со дилерите што поседуваат франшиза.
Дилерите сметаат дека е погрешно тоа што Хонда вложува во Афила
Дилерите се огорчени поради тоа што продажбата на Хонда во САД расте бавно. Американ Хонда лани ја зголеми продажбата за 0,5 проценти, на 1.430.577 возила.
Во такви услови, дилерите ценат дека Хонда прави грешка со тоа што вложува во Афила.
Фајнштајн упатува на суштината на проблемот: „Секој долар што ќе се потроши на истражување и развој, производство и маркетинг на компанијата Афила е долар повеќе што нема да се потроши на основните производи на Хонда и Акура, каде што гледаме голема потреба за раст на продажбата и на профитабилноста.“















