
Акциите на компанијата Би Уај Ди и останатите производители на електрични возила од Кина пораснаа, откако Европската Комисија соопшти дека разгледува можност, за царините при увоз да се заменат со систем на минимални цени.
Вредноста на акциите на Би Уај Ди пораснаа за дури 4,8 проценти при затворањето на берзата во Хонгконг. Истото важи и за Шаопенг, со раст од 5,3 проценти, додека акциите на САИЦ на берзата во Шангај пораснаа 3,6 проценти.
Според планот што ЕУ го соопшти на 12-ти јануари, кинеските извозници треба на Комисијата да ѝ поднесат барање за минимални увозни цени, да наведат колку возила планираат да увезат на годишно ниво, како и да ги соопштат плановите за вложување во регионот.
Новиот режим треба да ги замени царините за кинески електрични возила, што стапија на сила во 2024 година и коишто цената на овие возила ја оптоваруваат до 35 проценти, дополнително на редовните 10 проценти царина за возила од Кина.
„Во целина, тоа би требало да влијае позитивно врз унапредувањето на односите меѓу ЕУ и кинеските производители на автомобили, како и врз европските производители, на пример Фолксваген, за да им се овозможи да ја користат Кина како центар за извоз на електрични возила,“ изјави Јуџин Сјао, шеф во Мејквари Капитал, одговорен за стратегијата на вложување во акции во кинески компании.
На спогодбата се чекаше долго и таа веројатно ќе ги замени царините што имаат за цел да ги заштитат европските производители од субвенциите што кинеските производители ги добиват од властите и им овозможуваат да продаваат поевтино во ЕУ. Царините важат и за странските компании што произведуваат во Кина, како Тесла.
Минималните цени мора да бидат флексибилни и да опфатат различни модели и категории на возила. Кинеските производители може и да не одговорат одушевено на новите мерки, затоа што тие веќе се наоѓаат под силни притисоци за да почнат своите возила да ги прооизведуаат во Европа и на тој начин да ги избегнат царините, посочи Сјао.
Овој потег доаѓа во момент кога ЕУ се обидува да ги зајакне трговските односи со други партнери, откако почнаа да се влошуваат односите со САД, по заканите на Доналд Трамп дека планира да го зазеде Гренланд.
ЕУ во исто време е под притисок да ја заштити домашната автомобилска индустрија, којашто се соочува со конкуренција од кинеските производители, што продаваат достапни електрични возила на сé поголем број пазари ширум светот, а не само во Европа.
„Додека ги чекаме деталите, се обидуваме да го толкуваме тоа како конструктивна мерка за проширување на продажбата на кинески електрични возила во Европа,“ објавија аналитичарите од Морган Стенли. „Корист ќе имаат клучните играчи, како Би Уај Ди, САИЦ и Џили.“
Кинеските електрични автомобили се подостапни од соперниците
Кина во првите 11 месеци од минатата година извезе во Европа 579.000 батериски електрични возила. Би Уај Ди, САИЦ и Џили учествуваат во таа продажба со удели меѓу 10 и 15 проценти.
Просечната цена на кинеските електрични возила што се продадени во Европа лани изнесува околу 25.000 евра. Наспроти тоа, просечната цена на целиот пазар на батериски електрични возила изнесува околу 30.000 евра, проценуваат од Морган Стенли.
По едногодишна истрага, ЕУ воведе дополнителни царини за електрични возила од кинеско производство, обвинувајќи ги производителите на автомобили дека стекнуваат неправедна предност со помош на субвенциите во својата земја. Кина возврати со мерки против европската индустрија на млеко и млечни производи, свинско месо и бренди.
Оттогаш постојано се водат преговори меѓу Пекинг и Брисел, со цел да се избегне преоѓање во вистинска трговска војна.















