На австрискиот пазар, гамата на новиот Honda Civic ќе почнува од 32.790 евра за основната моделска изведба. Нарачките стартуваат уште сега. Civic во новата генерација е достапен само со хибриден погон со два електромотори, Honda во својот компакт вградува вистинско изобилство од системи за асистенција.
Единаесеттата генерација на Honda Civic ќе стартува со испорака на главните европски пазари кон крајот на годинава. Во редакцијaта на Аутомедиа сасега ги имаме на располагање цените и нивоата на опременост за австрискиот пазар. Основниот модел на тамошниот пазар доаѓа со ниво на опрема Elegance, во коешто се вклучени тркала од лесен метал од 17 инчи, сензори за паркирање напред и назад, задна камера, средишен дисплеј од 7 инчи, навигација и осум звучници, како и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto.
Како што е вообичаено за сите нови модели на Honda, така и новиот Civic е стандардно опремен со пакетот Sensing, којшто опфаќа цела низа системи за асистенција, коишто се грижат за дополнителна безбедност и комфор во возењето. Систем за задржување во лента и нов систем за асистенција при движење во колона во застој, дел се од тој пакет.
Како второ ниво на опременост следи Sport, со цена од 34.390 евра во Австрија. Седиштата се обложени во комбинација од платно и вештачка кожа, има спортски педали, диодни магленки, црни куќишта на ретровизорите и црна рамка околу прозорците, заедно со црни тркала од 18 инчи.
Највисокото ниво е Advance, коешто стартува од 37.990 евра. Во ова ниво спаѓаат аудиосистем BOSE „Centerpoint“ со 12 звучници, сончев покрив, автоматско долго светло и средишен дисплеј од 10,2 инчи. Тркалата од 18 инчи се двобојни со дијамантска обработка, седиштата се обложени со кожа и има грејачи во воланот.
За македонскиот пазар уште нема информации, увозникот Макпетрол пролетоска препушти продажбата да се одвива исклучиво преку дилери. Во Скопје, дилер е Auto Trade.