за

Honda Civic 11-ти пат: Електромотори место спојлери

Ова моделско име постои половина век на автомобилската сцена. Промените во новата генерација на Honda Civic зафаќаат во секое подрачје.

Елегантен дизајн и мазна форма, место спојлери и изглед како автомобил од тркачка патека, хибриден погон со нов 2,0-литарец и два електромотори, место прочуената технологија VTEC, тоа е главното што го донесува новата Honda Civic. Но, има уште многу главни нешта во овој автомобил.

Honda Civic уште од стартот на моделот во раните 1970-ти години е посебен модел на автомобилската сцена. Не можеше да биде поинаку, затаа што за развојот на првиот Civic беше задолжен Јошио Накамура, директор на тимот на Honda во Формула 1 меѓу 1964 и 1968 година. Новиот модел на Honda се развиваше како продолжение на низата од спортските модели S800, N360, N600 и 1300. Со компактни димензии и издржлива техника, Civic е првиот модел на Honda што се извезуваше од Јапонија.

Оттаму, не треба да залажува елегантната линија на новиот Civic, затоа што во основата тоа и натаму е автомобил што става нагласок на динамичните возни својства. Под хаубата на новиот Civic повеќе нема да работи VTEC-техника, туку хибриден погон по пример на Jazz, HR-V и CR-V. Испораките во Европа стартуваат наесен, производството е во Јапонија.

Секоја генерација на Civic досега има препознатлив дизајн на каросеријата, што се разликува од останатите генерации. Новакот ја заменува спортската нота на претходникот со елегантна појава. Со помалку заоблувања и рабови, дизајнот е многу појасен и во согласност е со духот на времето. Долгата хауба и покривот што постепено се спушта надолу внесуваат спортска нишка.

New item by Automedia MK / Google Photos

Предните светла се долги и тенки, со јасно дефинирана форма и со богата „содржина“. Маската е смалена и става нагласок на логото на Honda, а интересен е превисот што го изведува продолжението на хаубата. Моќен впечаток создава и крупниот растер на маската, којшто е во контраст со хоризонталните и долги линии во долниот отвор за воздух. Сето тоа е различно од претходно, дизајнерите на Honda не се повторуваат.

Странично во долниот дел од браникот се украсните црни полиња, во коишто се сместени магленките. Тоа ја нагласува елеганцијата. Ретровизорите се поставени под прозорците, што има за цел да го зголеми видното поле на возачот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првото што се забележува назад е силно закосениот поклопец и мошне компактен дел меѓу масивните задни светла. Опашот на Новиот Civic изгледа лесно, елегантно издолжено и подредено на аеродинамичноста. Колку и да се чини на прв поглед дека задниот дел изгледа едноставно, толку повеќе се открива колку има детали и зафати при подолго гледање.

Нема ниту масивен спојлер во продолжение на покривот. Кај Civic, покривот преоѓа мазно во задното стакло. Сé што треба да се „коригира“ во струењето на ветрот, задача е на малиот спојлер со којшто завршува задниот поклопец. Графиката на светлата е друга приказна. Ова е всушност чоколадната страна на дизајнот на новата Honda. Вреден детал е лајсната над страничните прозорци што продолжува кон опашот и дополнително ја издолжува линијата. Дури на крај се забележува дека браникот завршува со дифузор. Многумина ќе чекаат со нетрпение да го видат овој дизајн во живо.

New item by Automedia MK / Google Photos

Каросеријата е 31 милиметар подолга во споредба со претходникот, што оди главно во корист на просторноста во кабината. Меѓуоскиното растојание е продолжено за 35 милиметри. Покривот завршува 20 mm пониско, додека ширината изнесува точно 1,8 метар.

Оригиналниот впечаток од надворешниот изглед кулминира во кабината. Внатрешноста изгледа сосем различно од претходникот. Додека Civic X ги насочуваше сите форми и линии кон возачот, во новиот модел сé е развлечено хоризонтално. Тоа има за цел да се постигне впечаток за просторност. Средишниот дисплеј е поставен засебно и има пречник од 9 место седум инчи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Долгата и доминантна лајсна со растер во форма на саќе внесува класичен карактер во кокпитот. Црната дебела рамка лакирана со висок сјај околу лајсната се грижи за премиум впечаток. Секако дека тоа не е само украсна лајсна, туку зад себе ги крие каналите што доведуваат воздух во кабината.

Дигиталните инструменти пораснаа на 10,25 инчи. Во десеттата генерација, дисплејот беше поделен на три дела и изгледаше футуристички, додека во новиот модел повеќе важи класична нота.

Командите за ракување со климатизацијата изгледаат благородно, како да се преземени од некој скап AV-рисивер. Температурата се мести класично, преку вртлив регулатор, дигитално е само прикажувањето на температурата и на вклучените функции. Рачка на менувачот станува минато, Honda многу јасно укажува на тоа. Во Civic има само крупни прекинувачи со коишто се вклучуваат степените за возење. 

New item by Automedia MK / Google Photos

Системите за асистенција се развиваат со голeмо внимание во Honda, јапонската марка е меѓу предводниците во тој поглед. Напред работи нова широкоаголна камера, со покриеност од 100 степени. Таа препознава пешак или велосипедист на пат, а секако дека е задолжена и да ги чита линиите на патот. При возење во застој, вештачката интелигенција не само што помага при запирањето и поаѓањето, туку ври зафати и во управувањето.

Моторите со технологија VTEC си заминуваат од Civic. Фамозниот „турбо-ефект“ без турбонатполнење, кога моторот ќе се пушти над 4.000 вртежи и ќе проработи прочуената технологија за контрола на времето на отворање на вентилите, во новиот модел ќе го постигнуваат електормотори. Љубителите на техниката и почитувачи на Honda, секако дека нема да останат кусо. Хибридниот погон на Honda користи оригинален концепт, што неколкупати го имаме опишувано во Аутомедиа. Тој работи и во новата генерација на HR-V, што пролетва треба да пристигне во македонските салони на Honda, но работи и во CR-V и Jazz.

Моторот е дволитарски и работи според еткинсоновиот принцип, којшто е оптимиран за штедење. Системската моќност изнесува 184 КС, вртежниот момент досега до 315 Nm. Засега нема податок колку од моќноста отпаѓа само на моторот. Исто нема конкретен податок и за потрошувачката, само се наведува дека вредноста е под пет литри.

Спортската изведба Type R секако дека ќе се понуди и од новата генерација на Civic. Јапонците најавија дека до крајот на годината ќе ја електрифицираат целата своја понуда од модели во Европа. Тоа може да значи само едно: Type R исто така ќе биде хибрид.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Сите модели на Honda што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=honda

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

AMG GT Track Series e најсилниот Mercedes за приватни тркачи

Без чекање за испорака на Opel: Нова кампања на Еуроимпекс