Во актуелниот поход за поставување рекорди по најпознатите и најпредизвикувачките тркачки патеки во Европа, Honda Civic Type R го мина и Силверстоун – со трет рекорд во низа
Рекордите на Спа Франкоршамп и Мањикур веќе паднаа, третата патека за напад во низата беше Силверстоун. Honda Civic Type R постави нов рекорд и на прочуената патека во Велика Британија, како најбрз сериски автомобил со преден погон, со време од 2 минути и 31,32 секунди. Досегашниот рекордер: Honda Civic Type R, но од претходната генерација, кој го извозе своето најдобро време во 2016 година.
Зад воланот беше трикратниот шампион во британската туристичка класа Мет Нил, кој моментно се трка со Type R за Halfords Yuasa Racing. Патеката во Силверстоун е долга 5,89 метри и се одликува со брзи правци и исто така брзи свијоци, вклучувајќи неколку делови коишто бараат посебна техника за совладување.
Токму високите брзини на патеката посебно му одговараат на Civic Type R, затоа што доаѓа до израз неговата аеродинамичност. Класичарот меѓу брзите компакти има најдобар сооднос меѓу потисокот и струењето под возилото коешто ја крева каросеријата. Секако дека од помош се и приспособливите амортизери, со прочуениот модус +R.
Мет Нил го опишува искуството при поставувањето на новиот рекорд: „Најголемата предност на Type R беше токму во брзите свијоци. Во нив се влегува со голема брзина, но и со голема доверба во возилото.“
Возачката постава за остатокот на Type R Challenge 2018 ја сочинуваат Џенсон Батон, поранешен шампион во Ф1 и актуелен возач во NSX Super GT, како и Тиаго Монтеиро, возач во WTCR.
Најдоброто време на Силверстоун всушност е четврти рекорд на патека што го поставува новиот Honda Civic Type R. Во април лани, претсериски примерок постави најдобро време за автомобил со преден погон на Нирбургринг, со 7 минути и 43,8 секунди. Потоа стартуваше актуелниот Type R Challenge 2018, со возачот во WTCR, Естебан Гуериери, кој ја извозе француската патека Мањикур за 2 минути 1,51 секунда, по што следеше и рекордот на Бертран Багет, со време од 2 минути и 53,72 секунди на Спа Франкоршамп во Белгија.

















