Volkswagen T-Cross ќе се позиционира под T-Roc и ќе освојува со свежите идеи во кабината, за максимална флексибилност. Платформата MQB му овозможува на новиот СУВ голем број системи за асистенција од повисоките класи
Волфсбург освојува уште една класа во големата офанзива со СУВ-модели. Volkswagen T-Cross беше претставен како студија на салонот во Женева пред две години, а сега се подготвува и неговиот влез во сериското производство. T-Cross ја проширува основата на понудата од СУВ-модели. Мотото е „I am more than one thing“.
Стратезите на марката ставаат нагласок на „more“, со намера да се укаже на тоа дека T-Cross ќе понуди повеќе од било кој модел во класата, а притоа нема да биде поскап од нив. Премиерата е најавена за наесен. Дотогаш останува скицата којашто го прикажува изгледот на новиот модел.
Модел за мали и големи авантури во и надвор од градската џунгла
Понудата од СУВ-модели на Volkswagen со новиот член се зголемува на пет модели: T-Cross, T-Roc, Tiguan, Tiguan Allspace и Touareg. Германците ќе го нудат T-Cross и на пазарите во Кина и Јужна Америка. Со должина од 4,11 метри, малечкиот кросовер настапува со впечатлив изглед, погон на сите тркала, со нагласок на функционалноста и со неколку свежи идеи во кабината.
Volkswagen ветува голема просторна понуда, како придобивка од платформата MQB. Задната клупа се поместува по должина, за да се добие повеќе простор во багажникот или повеќе простор за седење. MQB ветува и голема безбедносна резерва, како и голема понуда од системи за асистенција.
https://youtu.be/yhwowaTBCmA
















