Кинескиот концерн Great Wall Motors во февруари продаде 89.050 возила на светскиот пазар, што е речиси осумпати повеќе од истиот месец лани. Причината за фантастичниот раст се насетува кога ќе се погледнат вредностите за растот од 1.029% во продажбата во Кина и од 226% на извозните пазари. Во овој период лани, Кина уште ги трпеше најсилните последици од корона-кризата. Зголемувањето на продажбата на GWM сепак е неоспорно.
Во првите два месеци од годинава, концернот на марките Haval, Ora, Wey и Great Wall Pickup продал вкупно 228.062 возила, за 153% повеќе од истиот период лани. Од вкупната продажба, 155.541 возила отпаѓаат на СУВ-сегментот (+136%). Ѕвездата во продажбата секако е СУВ-моделот Haval H6, кој веќе подолго од една година е присутен и на македонскиот пазар. Во февруари, овој модел се продал во 31.710 примероци. Со Haval H6 се поврзува едно долго историско поглавје, имено тој е најпродаван СУВ во Кина во низа од 93 месеци.
Кинезите моментно се во нова пазарна офанзива со марката специјализирана за пикапи, што е тешко да се превиди покрај името GWM Pickup. Од оваа марка на концернот, во минатиот месец биле продадени 15.127 примероци. Пикапот од новата генерација, Poer моментно е најпродаван модел во сегментот во Кина.
Интересни се податоците за извозот. Во февруари, GWM продал 9.786 возила на извозните пазари, што е раст од 226%. Заедно со јануари, продадени се вкупно 20,758 возила (+179%). Во Русија во минатиот месец се регистрирани 2.158 нови возила од GWM (+ 77%). За два месеци, продажбата таму регистрирала 3.725 возила (+52%).
Нов пазар за Great Wall Motor е Тајланд, каде што ќе се продаваат Haval H6 од третата генерација и компактниот Ora Good Cat. Планот е брзо по стартот на тајландскиот пазар да се понуди по уште еден модел од двете марки.
Кинескиот концерн освојува нови светски пазари со пикапите Poer
Пикапите Poer официјално започнаа со продажба и на пазарот во Бахраин. Новата генерација камионети на GWM – меѓу другото тие во најголема мера придонесоа за пазарите да стекнат доверба во кинескиот концерн – развиена е како возило за посебен животен стил, што значи дека во исто време нуди робусност и практичност, а од друга страна настапува со стил и нуди комфор во возењето. Пикап-парката Poer (името треба да асоцира на Power, а во исто време и на традиционалниот лик Пао во кинеската култура) досега е лансирана на осум пазари на четири континенти. Во Јужна Америка и во Австралија веќе се освоени титули на автомобил на годината во соодветните сегменти. Poer ќе продолжи да освојува нови пазари.