за

Great Wall Motors одбележува 30 години на автомобилската сцена

Great Wall беше меѓу првите кинески производители што пристигна на македонскиот пазар и еден од ретките што остана тука. Концернот одбележува три децении во Кина, но вниманието повеќе го привлекува еден автомобил што е дел од прославата.

haval f7 Great Wall Motors одбележува 30 години на автомобилската сцена

Групацијата Great Wall Motor, денес еден од најголемите производители на автомобили во Кина, одбележува три децении постоење. Во јули во 1990 година, малата компанија започна со производство на пикапи. Триесет години подоцна, Great Wall Motors e гигантски холдинг. Десетина марки произведуваат автомобили и компоненти за нив, најпознати меѓу нив се Haval, специјалист за производство на СУВ и кросовери, потоа Wey како премиум марка и Ora, којашто е посветена на градски автомобили со погон на струја.

Компанијата долго време го пласираше своето производство на големиот домашен пазар, за по извесно време Great Wall Motors да биде меѓу првите производители на автомобили од Кина, што почнаа да продаваат на светскиот пазар. Почетокот конкретно се случи уште во 1998 година, со првиот извоз на автомобили од земјата.

Great Wall моментно има 500 овластени дилери и сервисери во повеќе од 60 држави, а вкупниот извоз достигнува 600.000 возила на годишно ниво. По региони, кинеската групација е присутна во Русија, Австралија, Централна и Јужна Америка, Индија, Јужна Азија, Средниот Исток и Африка. Лани, вкупната продажба на сите марки во рамките на групацијата достигна 1.060.298 возила.

Во фабриките на GWM се произведуваат кросовери, СУВ, пикапи, лимузини. Мрежата се шири и надвор од Земјата. Таа е прв производител од Кина што отворила фабрика за автомобили надвор од земјата. Пред малку повеќе од една година се отвори фабрика во регионот на Тула, во Русија, комплетно опремена со погони за пресување, заварување, лакирање и завршна монтажа. Оттаму моментно излегува СУВ-моделот Haval F7, како стилски повпечатлива варијанта на Haval H6, инаку модел што Толту Моторс го има во понуда за македонскиот пазар.

Haval F7 стана бестселер на марката, надминувајќи го успехот дури и на H6

Во јуни, од фабриката излезе 10.000-от автомобил. На рускиот пазар прогресивно расте побарувачката за автомобили од марката Haval. Исто како западноевропскиите или јапонските концерни, GWM располага со развојни центри во Јапонија, САД, Германија, Индија, Авсрија и Јужна Кореја. За групацијата работат експерти од најразлични делови на светот.

Неодамна од кинескиот производител пристигна и вест за пионерски чекор во вградување на нова генерација сонари што се непходни за автономно возење. Со веста следеше и најава дека досега највисокиот степен на автопилотирано возење ќе доживее премиера токму во автомобил на Great Wall.

Уште нема конкретни информации околу пристигањето на Haval F7 на македонскиот пазар, наспроти Haval H6, кој веќе извесно време е во понудата на Толту Моторс. Кусо претставување на моделот што на рускиот пазар чини под 20.000 евра, секако нема да биде на одмет.

Haval F7 се води како компактен СУВ, со должина од 4,62 метри и висина од 1,69 метар. Меѓуоскиното растојание е 2,73 метри, најмалото растојание од подлогата е 19 сантиметри. Багажникот располага со 723, односно максимално 1.443 литри. Кинескиот СУВ се нуди само во изведба со преден погон и со избор од два бензински мотори. Послабиот е 1,5-литарски турбо со 150 КС и вртежен момент од 280 Nm. Преносот на сила е преку 7-степен менувач со двојна спојка. Спринтот до темпо сто трае 11, секунди, крајната брзина изнесува 180 km/h. Фабричкиот просек изнесува 8,2 литри на сто километри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Посилниот мотор е дволитарец со 190 КС и вртежен момент од 340 Nm. Менувачот е исто така 7DCT, перформансите се подобруваат на 9,0 секунди и крајни 195 километри на час. Просекот според фабрика изнесува 8,8 литри.

На рускиот пазар, F7 е достапен во четири нивоа на опрема. Вообичаено, суперопременост се нуди уште во основното ниво, но изненадува тоа што во топ нивото Tech Plus веќе стојат на располагање мошне напредни ставки, од самостојно запирање при опасност од судир, до самостојно следење на лентата, камера за знаци и предупредување кога при излегување наназад наидува возило од попречен правец. Дисплеј од 9,0 инчи се подразбира.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Совршената аеродинамика на ŠKODA OCTAVIA

Совршената аеродинамика на Škoda Octavia

Volkswagen за малку во плус со продажбата во јули

Volkswagen за малку во плус со продажбата во јули