за

General Motors продава слабо во Кина, решение се бара со луксузни модели

Американскиот General Motors планира да ги привлече добростоечките клиенти во Кина со луксузни автомобили што ќе се увезуваат на големиот кинески пазар.

Chevrolet Corvette Stingray
Chevrolet Corvette Stingray

Продажбата на General Motors во Кина е смалена за една третина во последните пет години и сведена е на само 1,3 милион возила. Падот во продажбата следи откако потенцијалните купувачи на автомобили од марките Buick, Cadillac и Chevrolet се префрлија на електрични автомобили со напредна технологија, што ги нудат кинеските производители, меѓу кои се главни Xpeng, Nio и BYD.

За повторно да го заживее интересот за своите американски автомобили, General Motors планира да ги освојува добростоечките клиенти во кинеските мегалополиси, со ретки и луксузни автомобили што ќе се увезуваат од САД.

За таа цел се развива нова платформа за директна продажба, под името Durant Guild. Компанијата ќе организира настани на коишто ќе учествуваат единствено гости со покана, за пред нив ексклузивно да се прикажат новите модели. Се планира и отворање центри во урбаните средини и организирање поп-ап настани во градовите.

Џулијан Блисет, директорот на GM во Кина, очекува „доколку добро ја завршиме работата и автомобилите се продаваат добро, тоа ќе создаде многу врева околу Cadillac и Chevy, и ќе придонесе за луѓето да ги доживеат нашите производи и технологијата“.

Засега не се открива кои точно модели ќе се продаваат преку Durant Guild, но Блисет посочува дека тоа ќе бидат првенствено премиум модели од американските марки, што моментно не се нудат на пазарот во Кина. Меѓу тие модели секако се електричниот GMC Hummer, големиот Chevrolet Tahoe SUV и спортската икона Chevrolet Corvette.

Блисет, кој има 16-годишно искуство на кинескиот пазар, цени дека тие „halo cars“ ќе се влопат убаво во круговите на потрошувачи во градовите, коишто почнуваат да развиваат интерес за суперспортски автомобили со високи перформанси, како и за СУВ модели за беспаќе.

Многу е зголемен апетитот за вистински теренски модели за истражување на природата, што не беше случај пред пет или 10 години“, изјави Блисет. Проектот Durant Guild е именуван по основачот на GM, Вилијам Дјурант и ќе започне уште месецов. Се подготвуваат низа настани и се испраќаат покани до избрани гости, а првиот настан се одржува веќе денес, во Шангај.

Во GM се надеваат дека со користење на продажната и маркетиншка тактика, што им успеа одлично на Tesla и Apple во Кина, донесувањето на луксузните и увозни модели во земјата, ќе влијае и врз продажбата и имиџот на моделите што GM и досега ги нудеше на најголемиот пазар во светот.

Светските моќници во производството на автомобили, од ковот на GM, Volkswagen Group и Toyota, што целосно владееја со пазарот во Кина во времето на моторите со внатрешно согорување, сега во време кога се случува бум во продажбата на електрични автомобили во земјата, постојано заостануваат зад домашните производители и нивните електрични модели.

Странските марки, вклучувајќи ги и самите GM-марки Buick и Chevrolet, владејат со кинескиот пазар уште од 1990-те години. На сите странски марки заедно, досега отпаѓаа 60 до 70 проценти од пазарот. Во првите осум месеци од 2022 година, на странските марки им припаѓаат само 52,4 проценти од пазарот.

Заедничката компанија на GМ и SAIC, до крајот на август продаде за 4,6 проценти помалку возила во споредба со првите осум месеци лани, додека BYD во исто време бележи раст во продажбата од 267 проценти.

Во Кина годинава ќе се продадат 27 милиони автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возачките и возачите на Porsche најзадоволни

Инвеститорите покажуваат голем интерес за берзанскиот старт на Porsche

Jeep Avenger е само почеток, следат модели на Fiat и Alfa Romeo