за

Поштата во Русија доаѓа со електрична GAZelle

Поштата на Русија започна со пробно користење на електричен фургон GAZelle e-NN. Едно полнење е доволно за 120 километри, највисоката брзина е 100 km/h.

На меѓународниот саем за електронска трговија што се одржа во Сколково Технопарк во Москва, Поштата на Русија го презеде првиот примерок од GAZelle e-NN со електричен погон, за пробно возење во редовната дневна служба во Поштата.

Компаниите од логистиката досега се покажаа најподготвени за преоѓање на електричен погон. Кога се работи за намалување на оперативни трошоци и поедноставено сервисирање, што подразбира и покуси периоди на мирување на возилата во сервисна работилница, во големите возни паркови нема многу двоумење. Во овие компании што работат со големи возни паркови е клучно да се смалат трошоците за возилата, а електричниот погон го постигнува токму тоа.

Првиот примерок од електричниот фургон GAZelle e-NN веќе е пуштен во пробна служба во Пошта на Русија. Државната компанија ќе го користи возилото за достава на писма и пратки.

Електричната верзија на GAZelle NN може да помине до 120 километри со едно полнење и може да постигне брзина од 100 km/h, што значи дека истото е применливо и за достава на пошта надвор од градското подрачје. Поштата ќе користи брз полнач, што овозможува батеријата да се наполни до 80% од капацитетот за само 30 минути. 

„Пошта на Русија е одговорна компанија од логистиката и активни сме во примената на технологии и решенија што водат кон намалување на штетните влијанија врз животната средина. Многу нé радува што сме меѓу првите корисници на новиот електричен модел од GAZ Group, наш долгогодишен партнер. Ние веќе користиме возила со погон на метан, но ова е првпат во нашите рути за достава да биде вклучен електричен ван“, коментира Максим Акимов, извршен директор на Пошта на Русија.

GAZ нуди и напреден систем за телематско следење на состојбата на возилото, што овозможува подобрување на ефикасноста

Во електричниот фургон е вграден систем за користење на дигиталните услуги на GAZ Connect, коишто овозможуваат оптимизација на возниот парк, следење на локацијата на возилата и на рутите. Преку телематскиот сервис на GAZ може да се врши и следење на нивото на гориво во резервоарот и потрошувачката, температурата на течноста за ладење и нивото на масло во сопирачките, како и состојбата на возачот.

Руската Пошта располага со возен парк што опфаќа повеќе од 17.000 возила од коишто 3.500 примероци се од моделот GAZelle, во широк дијапазон на варијанти и со најразлични надградби. Освен за дистрибуција на пратки, GAZelle се користи и за превоз на вработените, а возилата во големата земја често се користат и како мобилни поштенски единици.

Компанијата веќе започна да ги префрлува своите возила на погон на метан. Тоа ќе овозможи смалување на емисијата на СО2 за 20% по транспортиран килограм до 2025 година. Лани беа набавени 190 камиони со погон на метан.

Увозник на GAZ за Македонија е компанијата АБЦ Бротхер.

TDI за Gazelle: Руска газела со германско срце

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota неприкосовено до нови титули во светското рели

Клима уредот на Škoda знае кога воздухот е нечист