„Каде следно?“, прашува рускиот производител GAZ во описот на моделот Sobol. Фабриката во Нижњи Новгород во последно време се спомнува многу почесто, благодарение на новата генерација на доставното возило GAZelle NN, што се вмешува во конкуренција со Ford Transit, Renault Trafic и компанија. Но, тоа е само еден дел од понудата на рускиот гигант.
Третата генерација на GAZelle, што доаѓа на местото на GAZelle Next, ја познаваме по тоа што нуди повеќе од солидно технолошко и техничко ниво, но и изгледа впечатчиво. Последново секако дека им е важно на компаниите што и преку возилата во својот возен парк го градат имиџот во јавноста или пред бизнис-партнерите. Секогаш кога ни пристигаат материјали од производителот, што сцената уште го помни по Волга и по Чајка, се појавува едно возило за коешто многумина ќе се прашаат – зошто GAZ уште го нуди моделот, кога има многу посовремени и помоќни нови модели?
Секако дека постои причина. GAZ Sobol е теренската работна машина на рускиот гигант во делот на товарните возила. Поточно, тој е една од работните машини на Горковскиј Автомобилњи Завод што се специјализирани за тешка работа на терен, покрај камионот Sadko. Тоа што компаниите го бараат од едно теренско возило, Sobol го нуди.
Sobol го носи името според еден вид сибирска куна; Големиот теренски камион Sokon е именуван според лик од руските бајки
Доставното возило со име на еден вид куна што живее во Сибир, првпат е понудено во продажба на крајот на 1998 година. Основата потекнува од тогашниот GAZelle, но меѓуоскиното растојание е скусено на 2,76 метри. Тие што имаат искуство во теренско возење и во тешки услови секогаш се присетуваат дека G-Class, Pajero, LandCruiser и слични „дивокози“ своевремено биле редовно понудувани и во верзија со три врати, знаат зошто Русите прво го скусиле меѓуоскиното растојание кај Sobol. За разлика од стандардната GAZelle, тука се користи крута предна оска и кардански вратила за погон и управување со предните тркала.

Погонот е постојан на сите тркала, а разделниот преносник располага со теренска редукција. Постојат и верзии со можност за приклучување на предната оска во погон на Sobol.
Дизајнот претрпе поголеми промени во 2003 година, по пример на доставните возила GAZelle. Маската доби нов дизајн, исто и правоаглестите светла беа заменети со светла со заоблена форма. Освежувањето го опфати и кокпитот.
Камионет-изведбата на Sobol се среќава често во Москва, откако руската престолнина во 2006 година го ограничи пристапот во градот за товарни возила со носивост над 1 тон. За GAZ да одовори на зголемената побарувачка, производството на камионетот беше преселено на иста лента со поголемиот модел GAZ-3302, со цел значително да се зголеми продукцијата на камионетот.
Возила на GAZ со фабричките мотори учествуваат со долга традиција во руското првенство во рели со теренски возила
Второто големо освежување се случи во 2010 година, во чекор со воведувањето нови и усовршени мотори и друга техника, по пример на GAZelle Business. Оттогаш Русите нудат и 2,8-литарски дизел Cummins ISF.

Одушевува таканаречената теренска геометрија. Аголот на пристап изнесува 29 степени, а иста вредност има и аголот на излез. За споредба, тековниот Mercedes G-Class располага со агол на пристап од 30,9 и агол на излез од 29,9 степени. Минималното растојание од подлогата е 241 милиметар кај германскиот класичар, додека рускиот пандан парира со вредности до 315 милиметри, по нарачка – стандардно, под задната оска останува клиренс од 205 mm. Ширината на трагата дава и голем агол на навалување на каросеријата, иако GAZ не го наведува аголот точно: Напред 1,72 метар, назад 1,7 метар. Затоа, пак, позната е вредноста на максималната нагорнина што може да ја совлада Sobol: 30 проценти. Должината на кабината во минибус-изведбата изнесува 2,46 метри, ширината 1,83, висината 1,53 метар.
Може да се избира меѓу бензински и дизел мотор. Бензинецот A274 Evotech е од сопствено производство, располага со зафатнина од 2,7 литри и моќност од 107 КС, со вртежен момент од 220 Nm. Редоследот на палење е необичен: 1-2-4-3, место „стандардниот“ 1-3-4-2. Дизелот e Cummins ISF 2.8s4129P од 2,8 литри, со турбонатполнење и интеркулер, со моќност од 120 КС и максимална вредност на вртежниот момент од 270 Nm.

Русите користат бројни зафати во техниката, за Sobol да го направат сигурен од дефект по беспаќата. Системот за ладење, на пример, развиен е во соработка со јапонски специјалист и истиот гарантира ефикасно ладење во сите услови на возење и мала шанса да се појави протекување од системот. Понатаму, водовите за гориво се изработен од полиамид, материјал со врвна отпорност. За управувањето се користат компоненти од специјалистот ZF, без потреба од сервисирање, а воедно со одлична повратна информација од подлогата, што е важно и при возење по терен.
Правилото важи и натаму: Колку е поедноставно, толку е помала шансата тоа да се расипе
Во системот за сопирање се користи серво од Bosch. Според GAZ, нивниот Sobol постигнува најкус пат на сопирање од сите теренски возила од домашна продукција. Додека најновите генерации лимузини ширум светот користат светла сочинети од стотици светлечки елементи што ги управува вештачка интелигенција, Русите повеќе се за класични, но сосем делотворни решении. Некои решенија се многу едноставни. Кога просторот треба да се осветли колку може подобро, возачот може во исто време да ги вклучи и собореното и долгото светло. Колку поедноставно, толку помалку расипливо.
Sobol, новата генерација на GAZelle NN, Sadko, целата понуда на рускиот производител е достапна на македонскиот пазар, преку директниот увозник ABC Brother.
>>> GAZelle се вмешува во време кога пазарот бара комбе повеќе

















