за

GAZ одбележува 90 години производство на возила во Нижњи Нивгород

Годинава е јубилејна за Горковски Автомобилски Завод (GAZ), водечкиот производител на товарни возила во Русија, познат и по Волга, Чајка и Победа.

Фабриката за автомобили во Нижњи Новгород официјално стартувала со работа на 1-ви јануари 1932 година. Оттогаш, фабриката на GAZ ја напуштиле близу дваесет милиони возила и во неа се произведувани неколку стотици различни модели на товарни и патнички возила.

Меѓу најсилните индустриски обележја на Русија, несомнено припаѓа и GAZ, Горковски Автомобилски Завод. Во 90-те години од почетокот со работа на погоните во Нижњи Новгород, поранешен Горки, произведени се милиони автомобили со достапна цена и фабриката била вработувач на десетици илјади лица. За познавачите на портфоилото на GAZ, нема да биде изненадување тоа што во „заводот“ стартувал првиот домашен центар за дизајн на автомобили во Русија.

GAZ денес ги снабдува со возила сите сектори од економијата, малите и средните компании, јавните претпријатија, компаниите за превоз на патници, земјоделството, здравствените и образовните институции. Возила се извезуваат во 50 држави ширум светот.

На 1-ви јануари 1932 година во Горковски Автомобилски Завод, фабричкото ѕвоно го одбележа почетокот на работа на првата автомобилска фабрика со монтaжа на возила на подвижна лента во тогашен СССР. Првото возило што се симна од производствената лента е камионот GAZ-AA, на 29-ти јануари.

Фабриката во Горки денес е главна компанија во состав на Групацијата GAZ и лидер е на домашниот пазар на стопански возила со удел од 50% во сегментот на доставни возила и удел од 70% во сегментот на камиони од средна категорија. Масивниот извоз во 50 држави постигнува висок удел во компензацијата на увозот во Русија. Во фабриките на групацијата се произведуваат повеќе од 5.000 делови за возила, а се одвива и лиценцно производство на модели на Volkswagen, General Motors и Daimler за домашните пазари и за извоз.

Од отворањето на фабриката, во GAZ се произведени близу 19 милиони возила, а продукцијата опфаќа повеќе од 350 најразлични модели

Бројни модели на GAZ се обележје за клучните периоди во историјата на Русија. Меѓу најпознатите модели од Горковски Автомобилски Завод се вбројуваат легендарната Emka GAZ M-1 и камионот GAZ-AA, теренците GAZ-69 и GAZ-66, камионите од средна категорија GAZ-52 and GAZ-53. Посебно се впечатливи автомобилските модели Победа, Волга (GAZ-24) и Чајка. Пазарот моментно сведочи на силниот пробив на доставното возило GAZelle во новата генерација со додавка NN, коешто од лани се испорачува и во Македонија.

За времето на Големата татковинска војна, во Втората светска војна, GAZ во најкус рок се префрли на масовно производство на воени возила, вклучувајќи тенкови, оклопни возила, артилерија, муниција. За тој ангажман и за бројните жртви што ги имаат дадено вработени во компанијата кои се приклучиле на фронтот, компанијата е одликувана со Oрден на Ленин, на Црвеното Знаме, а фабриката 33 пати била наградувана од страна на државниот комитет за одбрана.

По војната, возилата на GAZ имаат учествувано во конструкцијата на Бајконур, на бајкалско-амурската магистрала, како и во обновувањето на индустријата и агрикултурата.

Главниот носител на денешната продукција, серијата лесни товарни возила GAZelle, почнува да се произведува во 1994 година. Актуелниот модел GAZelle NN е трета генерација на оваа моделска серија, чиешто производство стартуваше лани во мај. Производството на GAZelle беше клучно, за потребите на малите и средните компании да се покријат со достапни и издржливи возила во чувствителните времиња на транзицијата. За масивната продажба придонесе и понудата од најразличнинадградби и посебни изведби на овие возила.

Во почетокот на 2000-те, Горковски Автомобилски Завод стана дел од индустриската групација на Олег Дерипашка. Во фабриката беа воведени модерни производствени техники и соодветно се модернизираше и моделското портфолио. Само во последните десет години се модернизирани повеќе од 700.000 метри квадратни производствен простор. Обновени се линиите за заварување, поставени се нови преси, нова лакирница, нови машини за производство на делови, но и воведен е строг систем за контрола на квалитетот, со почитување на интернационалните стандарди.

Обновената моделска понуда се покажа пресудна во овие времиња, кога растот на пазарот на онлајн-нарачки поттикна бум во побарувачката од доставни возила; GAZelle во Русија е меѓу 10-те најпродавани возила – во конкуренција со патничките автомобили

Понудата од модели целосно се обнови во последните неколку години: GAZelle NEXT во товарна и патничка изведба, GAZelle NEXT фургон, GAZone NEXT камиони од средна носивост, Sadko NEXT теренски камион, GAZelle NEXT и GAZelle City минибуси, вклучувајќи и најразлични изведби за широк дијапазон на бизниси.

Во развојот на GAZelle NN беше дадено посебно внимание на новата електронска архитектура на возилото, заради поддршка на новите услуги во дигиталната ера, што едноставните товарни возила од порано, ги претворија во своевидни партнери на компаниите, што помагаат бизнисот да се реализира поуспешно и поефикасно. За сцената реално да стане свесна за напредното ниво што го нуди новиот GAZelle NN, рускиот лидер конструираше и изведба со електричен погон e-NN.

GAZelle e-NN е прво товарно возило од руска продукција што користи 100% електричен погон

Русите освојуваат нови пазари ширум светот, во коишто претходно не биле присутни. Тоа е случај со Блискиот Исток, каде што руските камиони порано беа вистинска реткост, поради тоа што возилата беа предвидени повеќе за суровите сибирски студови, отколку за пустинска жега. Денес тоа е сменето, и моторите, посебно системот за ладење, обезбедуваат беспрекорна работа и при екстремно високи температури. GAZ денес произведува возила и за пустини, и за планински висови, возила со волан оддесно. GAZelle NN е воедно и првото руско товарно возило што исполнува норма Euro 6. Тоа е сигурно вложување во иднината за компаниите.

Во меѓувреме, во Нижњи Новгород се работи и на батериски електрични и водородни електрични возила, но и на системи за автономно возење. Паралелно се вложува масивно во обуката на нов стручен и работнички кадар за потребите на групацијата.

GAZ е присутен масовно на македонскиот пазар на товарни возила, преку директниот увозник ABC Brother.

>>> Може ли руска GAZelle да му парира на турски Ford Transit?

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda пушти онлајн речник за поимите од хибридниот и електричниот погон

Од Citroen уште немаме видено сé: Моделско освежување на C5 Aircross