за

Honda пушти онлајн речник за поимите од хибридниот и електричниот погон

Истражување на Honda покажа дека повеќето возачки и возачи не го разбираат начинот на работа на хибридните и електричните возила. Затоа, речник.

2021 Honda HR-V e:HEV

Најновата „технологија“ на Honda има за цел да направи луѓето подобро да ја запознаат технологијата. Станува збор за Honda e:TECHNOLOGY Translator, како онлајн-речник што разбирливо и верно ги објаснува најважните поими што се поврзуваат со хибридниот и електричниот погон.

Шест од десетмина испитаници во анкетата на Honda одговориле дека не го познаваат начинот на работа на погонската технологија во хибридните и електричните возила, затоа што тоа им е премногу збунувачки. Во најновата анкета на јапонскиот производител, во којашто беа вклучени 5.000 возачки и возачи во Европа, речиси две третини (61%) не ја познаваат основата на електричната погонска техника од претходно наведената причина.

Понатаму, 40% од испитаниците ценат дека терминологијата, појаснувањата, премногу им се технички. Возачко искуство во секојдневието со таков вид автомобили им недостига на 31% од испитаниците. Триесет проценти одговориле дека поимите и фразите им се премногу генерички.

CR-V, Jazz, Jazz Crosstar, HR-V, Civic, NSX, секаде работи хибридниот погон на Honda

Електромоторот во погонската спрега веќе е реалност во голем дел од понудата од модели на марката со големото „H“. СУВ-моделот од средната класа, CRV, на македонскиот пазар одамна се продава во изведба со хибриден погон (2.0 i-MMD Hybrid e-CVT), со дволитарец со 145 КС, во комбинација со електромотор со 184 КС и 315 Nm, со безстепен менувач. Според реалната норма WLTP, потрошувачката во просек изнесува 6,6 литри.

Honda e, електричното градско мини со заден погон и носителка на титули Red Dot за дизајн, Германски автомобил на годината (прв јапонски модел), најдобар градски автомобил во светот за 2021 година, на европскиот пазар лани надмина 3.000 продадени примероци. Моделот може наскоро да го видиме и во салонот на Макпетрол.

HONDA HR-V годинава ќе биде понудена и во чисто електрична изведба

Тоа е сосем извесно за новата генерација на HR-V, што пристига напролет и се нуди само во верзија со хибриден погон. Компактниот СУВ комбинира 1,5-литарски четирицилиндарец со 107 КС и електромотор со 131 КС.

Четвртиот модел на Honda со хибриден погон исто така го познаваме добро на македонскиот пазар. Jazz Hybrid и неговата кросовер изведба Crosstar користат 1,5-литарски четирицилиндарец со 97 КС и електромотор со 109 КС. Голема новина од Honda годинава секако дека претставува Civic од 11-та генерација. Хибридниот погон исто така се подразбира во легендарниот компакт. Марката што има оставено многу гума по тркачките патеки ширум светот, во меѓувреме го подготвува и новиот Type R. За него се препоставува дека ќе биде последен новоразвиен модел на Honda што не користи електромотор во погонската спрега. Тоа значи дека книгите со нарачки за Civic Type R уште сега се пополнети.

Honda го разви e:TECHNOLOGY Translator како нова онлајн-алатка што ги објаснува најчестите поими и технологии кај хибридните и електричните визила

Најдоброто во техно-речникот на Honda е тоа што истиот е изработен од сопственици на електричен или хибриден модел на марката. Тоа што досега им се чинеше сложено за разбирање на повеќето корисници, сега е направено лесно разбирливо, од страна на сопственици што секојдневно го користат своето возило.

Нашето истражување покажа дека голем дел од европските купувачи се обезхрабрени да преминат на хибридни или електрични автомобили, затоа што ценат дека тие се премногу сложени. Повеќе од една четвртина од возачите на автомобили со бензински или дизел мотор кажаа дека ќе останат на тоа што го знаат, бидејќи не ја разбираат новата технологија во целост. Тоа е проблем што требаше да се реши.

Том Гарднер, потпретседател на Honda Motor Europe

Најчестите заблуди

Повеќе од една четвртина (27%) од испитаниците не веруваат дека досегот на електричните автомобили е доволен за нивните секојдневни потреби

Близу една петина (18%) веруваат дека електричните возила бараат повеќе сервисирање од автомобилите со бензински или дизел мотор

Девет проценти од европските возачи се на мислење дека не можат да го користат радиото, греењето или климата, додека возат хибриден автомобил во електричен режим.

Врската до речникот на Honda (на англискли јазик)

https://translator.honda.co.uk/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во автомобилите на концернот Stellantis ќе забавува Amazon

GAZ одбележува 90 години производство на возила во Нижњи Нивгород