за

Без рускиот гас, Европа не може да произведува автомобили

Автомобилската индустрија ќе трпи последици од прекинатото снабдување со рускиот гас, без разлика дали прекинот ќе биде привремен или траен.

Растот на цените на енергијата ги погодува домаќинствата, но и стопанството трпи сериозни последици. Во случај на траен прекин на испораката на гас од Русија, производството на автомобили ќе се соочи со нови и уште посериозни проблеми. Во производството на автомобили, исто како и во изработката на компоненти од страна на добавувачите, гасот уште се користи масовно. Конкретно за германската автоиндустрија, околу 37 проценти од вкупната потреба од енергија се покрива со гас.

Трајниот прекин на гасот, меѓу другото, ќе предизвика запирање на работата на ливниците за алуминиум. Само во Германија постојат околу 200 ливници, во чијшто печки се топи алуминиум за одливки, од коишто понатаму се изработуваат компоненти за вградување во автомобилите. Станува збор за суштински компоненти, како глава и блок на мотор. Печките работат на гас.

Автомобилската индустрија има потреба од гас дури и за лакирањето на автомобилите. Печките за сушење во лакирниците, исто така користат земјен гас. Шефот на Mercedes-Benz, Ола Келениус, на онлајн конференција напомена дека „во случај да биде запрена испораката на гас, цели индустриски гранки ќе бидат погодени“.

На производителите им е потребен гасот за производството, но и за загревање на фабричките хали. Германскиот економски дневник „Ханделблат“ објави изјава на Милан Недељковиќ, директор за производство во BMW, кој говори дека во случај на намалено снабдување со гас, се заканува целосно запирање на производството на автомобили. Целата автомобилска индустрија би запрела, додава Недељковиќ.

Без гас нема производство на мотори, автомобилите ќе останат нелакирани и без стакла

При ограничување на испораката на гас, уште посериозна криза ќе ги погоди и добавувачите на стакло за автомобилската индустрија. Во производството на стакло не може да се дозволи потрошувачката на гас да се намали под 70% од нормалната работа, затоа што тоа е минималната енергија што е неопходна за масивните садови со стакло да се заштитат од оштетување. Целосно исклучување на работата е незамисливо, затоа што тоа би довело до неповратна штета врз постројките за производство на стакло.

Здружението на германски производители на автомобили, постојано презема мерки за намалување на потрошувачката на енергија, особено гас. Во последниот квартал, европската индустрија успеа да ја смали потрошувачката на гас за 20 проценти. Браншата работи интензивно на брзо изнаоѓање нови решенија за замена на гасот и намалување на потрошувачката. Можностите во моментов се речиси исцрпени.

Производството на машини, хемиската индустрија и добавувачите на суровини, исто така зависат од гасот. Челичарниците се меѓу најголемите потрошувачи на гас. Во најголемиот број случаи, брзо префрлување на друг енергенс е невозможно.

Како војната во Украина влијае врз автомобилската бранша – и сé останато

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia на салон Ауто Кина Пекинг

Во Кина годинава ќе се продадат 27 милиони автомобили

Благородништво во нова генерација: Range Rover во салон во Скопје