Француската влада подготвува закон за заштита на климата, во којшто не станува збор „само за тоа да се сменат моторите во нашите автомобили или машините во нашите фабрики, туку се работи за промена на цивилизацијата, на културата, на стилот на живеење“, вели француската министерказа животна средина Барбара Помпили.
Со предлог законот меѓу другото се предвидува забрана за одредени куси летови во Франција, доколку постои можност истата релација да се совлада со воз. Забраната ќе важи за летови што не се подолги од 2,5 часови. Со текстот на законот се оневозможува користење авионски лет за деловни состаноци, на пример од Париз до Бордо. Со предлогот се забрануваат и затоплувани улични тераси, како на пример во рестораните, но се предвидуваат и дополнителни отраничувања во градовите за автомобилите што ѝ наштетуваат на животната средина.
Предлог законот произлегува од една граѓанска конвенција за климата, во којашто учествуваат случајно избрани граѓанки и граѓани, што работат на предлози за решенија на прашања околу климата. Во минатото лето, конвенцијата предложи мерки за борба против климатските прмени. Претседателот Макрон се сложи со поголемиот дел од мерките, но стави и вето на некои клучни прашања. Меѓу предлозите што добија вето беше и намалувањето на дозволената брзина на автопатиштата, од 130 на 110 километри на час.
За предлог законот ќе се расправа во парламентот кон крајот на март. Критичарите предупредуваат дека мерките кои ги предлага граѓанската конвенција ќе бидат ублажени и дека со тоа ќе се оневозможи достигнувањето на целта, емисијата до 2030 година да се смали за 40 проценти.