Форд и Рено гледаат следна закана за пазарот од кинеските доставни возила

Одлуката на лидерите на европскиот пазар на доставни возила Форд и Рено, да се здружат во развој на идната генерација модели, донесена е со цел двете компании да се подготват за новиот фронт на кинеските производители.

Од соработката на Форд и Рено се очекува да произлезе следната генерација доставни возила за двете компании. На сликата е Форд Транзит.

Форд и Рено потпишаа писмо на намери со цел да соработуваат во развојот на доставни возила, со идеја да создадат „електрана“ за овој вид возила на европскиот пазар, како што тоа го гледа шефот на Форд, Џим Фарли. Како дел од новото индустриско здружување на двата производители, Рено ќе развие и два малечки модели за Форд.

„Точно е дека нашите кинески конкуренти доцнат во сите сегменти на доставни возила. Тие ќе дојдат. Затоа не сакам да чекам,“ кажа извршниот директор на Рено, Франсоа Прово, на заедничката конференција за медиуми со Фарли, во Париз на 9-ти декември.

Доставните возила добија клучно значење за најголемите производители на автомобили во Европа во измиантиве години, поради тоа што заработката со патничките автомобили им се намали, и уште е слаба конкуренцијата од Кина, Јапонија и од Јужна Кореја.

Но, се очекува дека тоа ќе се смени, откако европските законодавци ќе ги принудат производителите на доставни возила да се префрлат од дизел мотори на електричен погон.

Корејската Киа ПВ5 штотуку почнува со продажба на европскиот пазар и притоа ја носи титулата на најдобар ван во светот за 2026 година. Од Кинезите, Фаризон, марка на Џили, почна да ги продава своите електрични ванови од средна големина на неколку европски пазари, меѓу кои се Велика Британија, јужна и источна Европа, додека САИЦ, производителот на МГ, стартува со својата серија доставни возила Максус.

Првиот електричен ван на Киа ја освои најважната титула во светот на доставните возила.

„Кинезите ќе бидат присутни во секој сегмент,“ вели Фарли. „Во случајот на Форд, ја чувствуваме таа конкуренција во Јужна Америка, Тајланд и Југоисточна Азија, кај пикапите со носечка рамка.“

Зошто Форд и Рено се во предност пред соперниците

Фарли кажа дека „тесната интимност“ на Форд и Рено со купувачите на ванови, вклучувајќи ги возните паркови, ќе помогне двете компании да ги задржат своите лидерски места.

„Веруваме дека тоа е голема разлика во однос на Кинезите, како место во коешто можеме да создадеме индустриска способност во поглед на доставните возила, на којашто Кинезите тешко ќе се спротивстават,“ цени Фарли.

Форд е најпродавана марка доставни возила, а потоа следи Рено, според интерните податоци на двете компании. И покрај водечкото место на Форд, Рено може да помогне во сегментите каде што француската марка е посилна.

„Форд е одличен кај еднотонските (Транзит Кастом) и одличен е кај пикапите (Рејнџер), но кај двотонските и кај малечките ванови, ние не бевме толку успешни како останатите. Рено е од голема помош во тој поглед,“ кажа Фарли, посочувајќи кон големиот Рено Мастер и малечкиот Кангу.

Форд и Рено се силни на различни пазари. Рено е во предност во Франција, најголем пазар за ванови во Европа, додека Форд е главен во Обединетото Кралство, втор најголем пазар заванови во регионот. Во првите девет месеци, во Европа се продадени 1,36 милион ванови, што е за 8,5 проценти послабо од лани.

Здружувањето со Рено може да биде посилно од соработката со Фолксваген

Форд веќе има соработка со Фолксваген, како производител на Транспортер (еднотонски), покрај Транзит Кастом, со којшто ја дели техниката, во фабриката во Турција, што е во сопственост на Форд Отосан и холдингот Коч.

Форд го произведува и пикапот Амарок во својата фабрика во Јужна Африка, покрај Рејнџер, додека Фолксваген за возврат го произведува компактниот ван Транзит Конект во Полска, покрај сродниот Фолксваген Кеди.

Фарли кажа дека партнерството со Фолксваген не се менува, меѓутоа навести дека соработката со Рено ќе биде посилна.

„Фолксваген беше одличен старт,“ кажа Фарли. „Но, верувам дека Рено и Форд делат заеднички ген за ванови во компанијата, што е малку поразличен отколку во групацијата Волксавген, и вановите ни се клучни за нашата работа.“

Фолксваген традиционално заостанува кај вановите, што во дел се должи и на високите трошоци за нивно производство во Германија. Тие трошоци се скусија откако производството на Транспортер се пресели од Хановер, во фабриката на Форд во Бурса.

Фарли кажа дека Фолксваген ќе добие покана да се придружи во партнерството, коешто веројатно ќе води кон развој на модели од следната генерација.

Сопствените партнерства на Рено ослабеа во изминатите месеци, откако Мерцедес-Бенц престана со производство на Ситан и Т-Класа, како модели базирани врз Рено Кангу. Место тоа, германскиот производител се префрли на поголеми ванови, со поголема заработка, вклучувајќи го Спринтер. Рено и натаму произведува ванови за Нисан.

Рено претрпе удар врз својот бизнис со малечки доставни возила, откако Мерцедес-Бенц се откажа од партнерството, кај Ситан и Т-Класа

Рено исто така има партнерство со Волво Камиони, за производство на електрични ванови за возни паркови. Прово кажа дека тоа партнерство, под името Флексис, не се менува поради договорот со Форд.

Целта што ЕУ ја поставува за емисијата на ЦО2 е „недостижна“

Продажбата на електрични ванови во Европа годинава порасна за 67 проценти, на 149.070 возила.

Производителите на ванови се најдоа под силен притисок во изминатите месеци, за да ја зголемат продажбата на електрични модели, под влијание на законодавството во ЕУ, коешто има за цел да ја спушти просечната емисија на ЦО2 за 15 проценти во 2025 година, на вредност од 153,9 грами на километар.

Производителите на автомобили се загрижени околу намерата на ЕУ, за емисијата до 2030 година да се ограничи на 90,6 грами на километар. „Невозможно е. Нема производител што ќе успее во тоа,“ кажа Прово во ноември.

Претходна објаваПорше поради царините на Трамп третпат ги качува цените во САД
Следна објаваДонгфенг ја победи Тојота со бензински мотор со шампионска штедливост

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here