
Кинескиот центар за автомобилска технологија и истражување, кусо КАТАРК, чијшто резултати патем ги признава и уважува еден германски ТУВ, пресметаа дека ефикасноста на новиот 1,5-литарски Мах, во неговата изведба што е наменета за модели со хибриден погон, постигнува степен на ефикасност од 48,09 проценти и со тоа е прв бензински мотор за хибриден погон, што надминал 48 проценти. Тие „09“ секако се важни.
За да го постигнат тоа, инженерите не се повикаа на една технологија, туку усовршуваа сé што им се најде на пат. Прво, тие успеаја да постигнат степен на компресија од преку 15,5:1. Тоа е основата на ефикасноста, оттука почнуваат многу нешта. Понатаму, соодносот меѓу одот на клиповите и пречникот изнесува 1,45, односно клиповите имаат за 45% подолг од, отколку што е пречникот на цилиндрите. Така се постигнува „замав“, односно нема потреба моторот да врти премногу високо за да постигне динамика. Трето, горивото се впрскува под притисок од 500 бари, што води кон побрзо и поцелосно согорување во цилиндрите. Сето тоа е блиску до класика.
Но, има уште. Турбо-компресорот работи со променлива геометрија, меѓутоа нејзината работа е точно нагодена за еден мотор во хибриден систем. Се зафаќа и во најситните, но пак клучни подрачја, како отсуство на класични „зицеви“ на вентилите.
Применети се преку 10 технологии за смалување на триењето, од електрична пумпа за масло, до прскање на цилиндерските кошулки заради ладење и електрично приспособување на фазата и времетраењето на отворањето на вентилите.
Производителот од Кина со најзвучно име на македонската сцена, меѓу другото познат по Фортинг Т5 Ево, Еолус Мејџ и Еолус Шајн, Донгфенг Е5 и бројни други модели, наведува дека се работело за моторот да постигнува врвна ефикасност во сите услови на возење, и во град и по автопат.
Во споредба со претходната генерација, со новиот 1.5Т Мах се вози 100 километри подолго со еден резервоар, односно потрошувачката е намалена за околу 10 проценти.

За споредба, моторот на Тојота што работи според еткиносонов принцип и се користи во хибридните модели, постигнува ефикасност меѓу 40 и 41 проценти. Би Уај Ди пред извесно време јави дека постигнал меѓу 46 и 46,5 проценти. Донгфенг ги претрка.
Новиот мотор се вградува во Донгфенг Еолус Л7 и Еолус Л8, како и во Еолус Хјуџ, во неговата приклучна хибридна изведба со системски 180 киловати, односно 245 КС. Моторот во неговата не-хибридна изведба веќе извесно време е достапен на македонскиот пазар, токму во спомнатите Еолус Шајн и Мејџ Видеото од тестот во Аутомедиа , и нормално во Фортинг Т5 Ево. Просекот на Фортинг на тестот на Аутомедиа: Околу 6,5 литри. Бензин.
















