
Место тоа, ќе се воведат пофлексибилни правила за да се постигне смалување на емисијата на ЦО2 од автомобилите, изјави за Билд Манфред Вебер, претседател на ЕПП, најголемата партија во Европскиот парламент.
„За новорегистрираните возила по 2035 година, производителите на автомобили ќе мораат емисијата на ЦО2 да ја смалат за 90 проценти, место за 100 проценти“, изјави Вебер за германскиот весник.
„Покрај тоа, по 2040 година нема да важи цел за 100 проценти. Тоа значи, дека забраната за технологијата на мотори со внатрешно согорување е симната од дневниот ред,“ кажа политичарот. „Сите мотори што во моментов се произведуваат во Германија, може и натаму да се произведуваат и продаваат.“
Вебер кажа дека со тоа ѝ се дава јасен знак на „целата автомобилска индустрија и се обезбедуваат десетици илјади работни места во индустријата,“ укажувајќи на загриженоста за иднината на една од најважните индустрии во Европа.
Договорот ќе овозможи и по 2035 година да се продаваат автомобили со мотор со внатрешно согорување, коишто поседуваат приклучен хибриден погон, како и електрични автомобили со продолжувач на досег, коишто користат мотор со внатрешно согорување како генератор.
Се очекува Европската комисија службено да ги соопшти своите планови на 16-ти декември, како дел од пакетот мерки за помош на индустријата, во време кога расте конкуренцијата од Кина, забавува продажбата на електрични возила и растат трошоците.
Потоа следи одобрување на предлогот во Европскиот парламент од страна на одделните влади на земјите членки. Поддршката од Вебер за новиот план е важна, затоа што ЕПП е најголема политичка партија во парламентот.
Комисијата во 2022 година соопшти дека сите мотори во новите автомобили и доставни возила мора да имаат нулта емисија на ЦО2 по 2035 година, што фактички значи забрана за продажба на нови автомобили со бензински и дизел мотори, во корист на батериските електрични автомобили.
Производителите на автомобили и неколку влади во ЕУ, вклучувајќи ја Германија и Италија, лобираа за да се ублажи регулативата. Фолксваген, Стелантис, Мерцедес-Бенц и БМВ настапија во здружен глас да се откаже забраната, и место тоа, на купувачите да им се овозможи самите да изберат, место да се одредуваат строги цели.
[the_ad id=”85764″]
Продолжувањето на рокот за мотори со внатрешно согорување до 2040 година е уште едно сценарио
Други објави во медиумите наведуваат дека комисијата размислува, рокот за нулта емисија да се помести за пет години, за 2040 година, за да се овозможи продажба на автомобили со мотор со внатрешно согорување, приклучни хибриди и ЕВ со продолжувач на досег.
Услов за продолжувањето е автомобилите со мотор со внатрешно согорување да користат напредни био горива и т.н. е-горива, што се произведуваат со користење на ЦО2 од атмосферата и електрична енергија од обновливи извори, пишува Блумберг, повикувајќи се на упатени извори.
Тој пристап ќе овозможи ЕУ и натаму да тежнее кон нулта емисија од новите патнички автомобили по 2035 година, зависно од параметрите што ќе бидат поставени во предлогот.
Со оваа поблага регулатива ќе се земе предвид и загриженоста на неколку држави што произведуваат автомобили и делови, кошти побараа по 2035 година да се користат и други чисти технологии, покрај батериски електрични возила.
Иако е-горивата во основа можат да бидат неутрални за климата, тие се скапи, а таа технологија уште не е целосно созреана. Користењето биогорива во насока на смалување на емисијата, исто така е предмет на жестоки расправи. Меѓу најочигледните причини е загрозувањето на земјоделските површини, што се користат за производство на храна.
Под лупа емисијата на возила со приклучен хибрид
Се очекува дека пакетот на комисијата ќе содржи и одложување на плановите за воведување построги прописи околу начинот на којшто се пресметува емисијата на ЦО2 од возилата со приклучен хибриден погон.
Комисијата разгледуваше преоѓање на систем што ќе ја мери емисијата во вистински услови на возење, односно со следење на самите возила, место моменталната метода, којашто користи лабораториски претпоставки и прикажува нереално ниски вредности, оценуваат критичарите.















