
Турскиот Коч Холдинг се повлекол од договорот со Форд Мотор и јужнокорејскиот производител на батерии ЕлЏи Енерџи Солушн, за заедничко вложување во фабрика за производство на батерии за електрични доставни возила.
Трите компании во февруари потпишаа необврзувачка спогодба за формирање заеднички деловен потфат, од којшто требаше да произлезе најголемата фабрика за батерии за електрични возила во поширокиот регион. Фабриката требаше да се гради во близина на турската престолнина Анкара.
„Имајќи ја предвид моменталната прифатеност на електричните возила, времето не е погодено за вложување во фабрика за батериски ќелии“, соопшти Коч Холдинг во петокот.
„Форд и Коч Холдинг ќе ја почитуваат обврската да го подржуваат производството на електрични возила во фабриката на Форд Отосан во Коџаели и во иднина ќе ги оценуваат можностите за вложување во батериски ќелии зависно од динамиката на пазарот на електрични возила“, стои во соопштението од компанијата.
Во заедничката фабрика Форд Отосан се произведува доставниот модел Транзит, а в година се очекува да стартува и неговата електрична изведба. Во фабриката ќе се произведуваат и електрични доставни возила за Фолксваген, како дел од индустриската соработка меѓу двата производители на автомобили.
ЕлЏи Енерџи Солушн од својата фабрика во Полска испорачува батерии за Форд Мастенг Мак-Е и Е-Транзит
ЕлЏи во октомври предупреди дека очекува пад во прометот во 2024 година, поради неизвесноста во економијата во светски рамки, што ги менува предвидувањата за продажбата на електрични возила. Јужнокорејците со тоа се придружија на растечкиот број на производители на автомобили и добавувачи, коишто се загрижени околу побарувачката за електрични возила.
Постои загриженост дека зголемувањето на трошоците за финансирање, поради растот на каматните стапки и забавениот раст на главните светски економии, како Кина и Европа, ќе влијае врз купувачите на автомобили.
ЕлЦи Енерџи Солушн произведува во САД, Јужна Кореја, Кина, Полска, Индонезија и Канада.















