Тоа што личи како „кликбеит“ за собирање посети, всушност е мошне сериозен проблем со којшто се соочува американскиот производител на автомобили во Германија.
Првостепениот суд во баварската престолнина Минхен бара забрана за продажба и производство на возилата на Ford во Германија. Причината за овој сериозен проблем се неподмирените лиценци. Според Судот, во автомобилите на Ford биле вградувани чипови за мобилна телефонија, за коишто концернот нема платено лиценци.
Станува збор за системот E-Call, којшто се вградува задолжително во сите нови автомобили во ЕУ уште од 2018 година. За оваа функција на повик во итен случај да може да се користи, во автомобилите мора да се вградат чипови за мобилна телефонија. Тие чипови се користат сé повеќе и за функциите на инфо-забавниот систем и за навигациските системи.
До Првостепениот суд во Минхен се пристигнати тужби од вкупно осум сопственици на патенти за мобилна телефонија. Во својство на тужител, пред Судот настапува националната јапонска агенција за патенти IP Bridge.
Претстои масивен сервисен повик за автомобилите на Ford, а дури постои и опасност дека возилата може да бидат уништени
За пресудата да стане извршна, IP Bridge мора да приложи кауција во вредност од 227 милиони евра. Доколку Ford и IP Bridge не се спогодат, пресудата може да стане извршна во рок од една до две седмици. Потоа, Ford повеќе нема да смее да продава автомобили во Германија. Уште полошо за американскиот производител: Со пресудата дури се предвидува повикување на сите автомобили што се наоѓаат кај дилерите, и уништување на истите.
Wiwo-Exklusiv: Mobilfunk-Patente: Gerichtsentscheid: Verkaufsverbot für Ford in Deutschland @wiwo https://t.co/zWjqLkq2gZ
— Beat Balzli (@BeatBalzli) May 20, 2022
Ford во минатата година на германскиот пазар продал 126.400 возила, со што е седма најпродавана марка во земјата. Пресудата на Првостепениот суд уште не е правосилна.
Познавачите се сомневаат дека Ford ќе мора да ги уништи новите произведени возила. Место тоа, се верува дека ќе се пристапи кон отстранување само на техниката за мобилна телефонија, што потоа ќе биде уништена. Но, што ќе се случува со автомобилите, што без системот за E-Call не може да се продаваат во ЕУ, тоа останува „енигма“.