за

Volvo 780 од Торино чинеше двојно повеќе од 760 GLE

Тоа е еден од најексклузивните модели на Volvo, што за пет години се произведе во нешто повеќе од осум илјади примероци. Купе Volvo 780, со дизајн на Bertone, произведуван во Торино.

На големиот салон во Женева во 1985 година, публиката меѓу другото имаше за одушевување и еден посебен автомобил на Volvo. Луксузното купе Volvo 780 соединуваше италијански стил и шведски инженеринг.

Во март 1985 година, корпорацијата Volvo прикажа уште еден плод од соработката во подрачјето на луксузот, меѓу Шведска и Италија. Тоа беше Volvo 780, дизајниран и произведен од Bertone, во Торино. Појавувањето на Volvo 780 на штандот на шведската марка беше еден од највпечатливите моменти на салонот под Алпите.

Volvo веќе имаше долга традиција на ексклузивни купеа во мали серии, пред светот да го види новиот модел. Уште во раните 1960-ти години, Швеѓаните ја одушевија сцената со P1800, автомобил што Роџер Мур го возеше во серијата „Светец“, пред да се прослави како Џејмс Бонд.

Со овие ексклузивни модели, менаџерите всушност сакаа да го привлечат вниманието на сцената кон подостапните модели на Volvo. Серијата 1800 остана во производство близу тринаесет години. Вкупно 48.000 возила се продадоа од сите моделски изведби во таа серија. Во легендарната серија 240/260 исто така беше понудено ексклузивно купе, во форма на 262C.

New item by Automedia MK / Google Photos

Volvo 262C беше дизајниран и произведуван во Carrozzeria Bertone и на пазарот се појави во 1977 година. Со следната генерациска смена, со доаѓањето на моделите 760/740 во почетокот на 1980-те години, Volvo ја продолжи традицијата и понуди уште поекслузивно купе во оваа серија, чијашто основа ја сочинуваа лимузините и фамозните комби модели.

Додека кај Volvo 262C беа извршени само неколку преправки на каросеријата, во случајот на Volvo 780, тоа беше сосем нов модел. Ниту еден дел од каросеријата на купето не беше преземен од лимузините и комби моделите. Бертоне беше незаменлив и за дизајнот на 780, а исто и производството се одвиваше во Торино.

New item by Automedia MK / Google Photos

„Со Volvo 780, можеме да понудиме елегантен крстосувач со персонален дизајн, ексклузивни дизајнерски решенија и единствена понуда од мотори, со нагласок на комфорот“, изјави тогашниот менаџер за маркетинг Карлерик Хастром, во соопштението за печат.

Комфорот е главното обележје на овој модел. Купето беше осмислено како луксузен модел и уште во стандардната опрема поседуваше ставки што кај повеќето марки не беа достапни ниту како опција.

Двапати поскап од Volvo 760 GLE

Сé функционира електрично во овој автомобил: Седиштата, прозорците, ретровизорите, сончевиот покрив. Стандарндата опрема вклучуваше клима уред, ABS сопирачки, автоматско местење на висината назад, патен компјутер и врвен аудио систем. Со тогашната цена од 290.000 шведски круни, купето чинеше двојно повеќе од 760 GLE.

Основата на понудата од мотори ја сочинуваше 2,8-литарски V6. Покрај овој класичен избор, се нудеа и дволитарски турбо и шестцилиндарски турбодизел. Volvo 780 со овие мотори не беше замислен да јури со тогаш незамисливи 200 km/h по автопатиштата, туку првенствено имаа задача да обезбедат ексклузнивно, комфорно и тивко возење. Главните пазари беа САД, Јапонија и неколку пазари во Европа, меѓу кои Шведска.

New item by Automedia MK / Google Photos

Без какви било промени во изгледот, Volvo 780 остана во производство до 1990 година. Промените во техниката низ годините се случуваа како што се вршеа промени и во техничката основа за купето, во Volvo 760. Во 1988 година, почна да се вградува задна оска со независно водење на тркалата.

Од Volvo 780 се произведоа само 8.518 примероци. Денес тоа е исклучително баран и ценет јангтајмер, во Европа и во САД.

Volvo P 1800 S

Volvo P 1800 S

New item by Automedia MK / Google Photos

Секое трето Volvo продадено во првото тромесечје е со електричен погон

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германски судови бараат забрана за Ford да се продава во земјата

Мишко Барзов како Шеф Електрик и Ioniq 5 за најдобра кебачилница на Китка