Во рамките на Car Design Award, своевремено мошне ценета манифестација, што заживеа повторно во 2016 година, Ferrari Roma е избран за најдобар дизајн во категорија на автомобили од сериско производство.
Во периодот меѓу 1984 и 1997 година, изборот Car Design Awards уживаше мошне високо реноме во светски рамки. Но, потоа следеше пауза, до пред четири години, кога оваа престижна манифестација заживеа повторно. Врачувањето на наградите во рамките на Car Design Awards се одржа онлајн, на јутјуб-каналот на манифестацијата, соодветно на актуелната ситуација околу пандемијата.
Изборот ги одликува најдобрите достигнувања во работата на дизајнерските тимови во автомобилската индустрија. Манифестацијата стартуваше во 1984 година, иницирана од магазинот Auto&Design, и истата ги прославува проектите што придонесуваат за унапредувањето на автомобилскиот дизајн.
Годинава во изборот гласаше стручно жири од 12 новинари од водечки автомобилски медиуми во светски рамки, вклучувајќи и претставник од самиот магазин Auto&Design. При прогласувањето на победата на Ferrari Roma во категоријата на сериски автомобили, жирито нагласи дека „дизајнерскиот тим на Ferrari, предводен од Флавио Манцони, заврши одлична работа со Roma. Автомобилот ги толкува одново класичните линии на гран-туризмо автомобил и ги проектира во 21-от век, преку сензуален, евокативен и исклучителен дизајн.“
Ferrari Roma е новото 2+ coupé од Маранело, модел со префинет и безвременски дизајн, и со сета моќ и агилност што се потребни да се обезбеди единствено возачко искуство. Препознатливиот италијански стил е модерно толкување на безгрижниот животен стил во Рим во 1950-те и 1960-те години.
>>> Ferrari заработува и среде корона-кризата

















