Првото електрично Ферари доаѓа во октомври, кокпитот му е како Ајфон

Ферари ги ангажираше Лав Фром, дизајнерска фирма на Џони Ајв и Марк Њусон, поранешни кадри на Епл, да ја дизајнираат внатрешноста и да го осмислат ракувањето со првиот целосно електричен спортски модел од Маранело.

Ферари со овој чекор преоѓа на дизајнерски јазик, што балансира меѓу дигиталниот минимализам што е својствен за Апл, и механички прекинувачи коишто се допираат.

Италијанците ја прикажаа внатрешноста од новиот модел на настан што се одржа во Сан Франциско на 9-ти февруари.

Производителот го откри и името. Луче е италијански збор што значи светло. Тоа е уште една отстапка од правилото на Ферари да ги именува своите модели со комбинации од бројки или со географски поими.

Овој проект е најважниот резултат од долгогодишната соработка на Ферари со Лав Фром, фирма што е основана од Ајв, откако тој си замина од Епл. Лав Фром работеа заедно со главниот дизајнер на Ферари, Флавио Манцони, за да осмислат како е најдобро да се изведе ракувањето со автомобил од ерата на електричниот погон.

Бирачот за возење на електричното Ферари Луче

Место голем екран на допир среде кокпитот, тука се поставени алуминиумски копчиња и прекинувачи, што се конструирани за да оставаат впечаток и со чувството при допир и со звукот при ракувањето. За полињата за ракување и за бирачот за возење се користи стакло Корнинг Фјужн5, коешто е отпорно на гребаници и нуди бистрина.

Од Ферари тврдат дека овој пристап е со цел за нивниот автомобил да се разликува од останатите ексклузивни електрични автомобили, кај коишто ракувањето целосно се сведува на големи екрани.

Луче е клучен модел во стратегијата на извршниот директор Бенедето Виња, во којашто треба да се електрифицира понудата од модели на Ферари, а во исто време да се сочува нивото на цени и високата маржа на марката. Преку посветување на корисничкото искуство и на софтверот, Ферари очекува дека нивните електрични возила ќе носат добивка што е слична со моделите со мотор со внатрешно согорување.

Прекинувачите на Ферари Луче

Аналитичарите кажуваат дека Луче е пресвртница и тест, како купувачите на Ферари, коишто со децении се навлечени на звуците и на однесувањето на бензинските мотори, сега ќе реагираат на тивок знаменосец што се движи на батерија.

Ферари уште во октомври ги соопшти поединостите околу електричната платформа, при пуштањето во работа на новата „е-Билдинг“ во Маранело, Италија. Тука ќе се изработуваат електромотори, батерии и енергетската електроника.

Ова е втората од вкупно трите фази на претставување на првиот батериски електричен автомобил на Ферари. Третата фаза и целосното откривање на изгледот на Луче, најавено е за мај 2026 година, секако во Италија.

Луче има каросерија со четири врати и поседува четири електромотори, со моќност од близу 1.000 КС и со досег од преку 530 километри. Крајната брзина е 310 километри на час, а забрзувањето до темпо сто трае 2,5 секунди.

Меѓуоскиното растојание од 2,96 метри е за 60 сантиметри покусо од Пуросанг, првиот модел на Ферари со 4 врати. Тежината еоколу 2,3 тони.

Првите возила ќе бидат испорачани во октомври. Според гласините, Ферари Луче ќе чини над 500.000 долари.

Претходна објаваПежо го научи лавот да оди на кино
Следна објаваЕлектричната Шкода Епик ќе чини колку Камик со обичен погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here