Пежо го научи лавот да оди на кино

Пежо е марка што присуствувала во култни сцени од големото платно, од Кулумбо до Такси. Затоа е природно тоа што марката со лавот засилено се враќа во светот на филмовите.

Пежо е официјален партнер на свеченото доделување на наградите Цезар, познати и како „францускиот Оскар“.

Лавот ја обожува седмата уметност, барем е така кај Пежо. Француската марка втора година по ред е главен партнер на Академијата Цезар, којашто секоја година во февруари ги доделува наградите, што се ценат како најголема чест во светот на францускиот филм.

Соработката годинава се збогатува со поддршка за „Златната Ноќ“, програма што соединува автори на краткометражни филмови од преку 35 земји, кои доаѓаат како победници од своите национални филмски академии.

Како што стои во соопштението од Поаси, „уживањето во возењето, коешто е во срцето на гените на Пежо,“ и уживањето во филмот ја делат истата амбиција: Да поттикнат емоции. Тоа ги поттикнало во Пежо да ја изберат седмата уметност како своја нова територија за израз и воедно да се заложат повеќе за светот на францускиот филм.

Насоката во којашто се движи „пиарот“ на Пежо во моментов се насетуваше уште во јануари, кога марката со лавот првпат се заложи како официјален партнер на фестивалот Алп д’Уез. Тоа е единствен фестивал на филмот во Европа, што е посветен на комедијата. Пежо ја искористи пригодата да ја објави и соработката со прочуената продуцентска куќа Пате, втора најстара филмска компанија во светот што уште е активна, основана уште во 1895 година.

Неполн месец оттогаш, Пежо објавува партнерство со Академијата Цезар, којашто подолго од половина век ги одликува филмовите и нивните создавачи.

Во Париз, на 26-ти февруари, се одржува 51-то свечено доделување на наградите Цезар, а Пежо втора година е официјален партнер.

Марката со лавот дополнително ќе биде забележана за време на празникот на францускиот филм. Пежо ќе биде присутен на Олимпија, на црвениот тепих, и воедно ќе го спонзорира преносот на настанот на Канал+.

Организаторите ќе имаат на располагање 30 електрични и хибридни возила Пежо.

Потоа, во јуни 2026 следи Златната ноќ, на којашто се прославуваат најдобрите краткометражни филмови во светот.

Сцената веќе шпекулира околу шестото продолжение на „Такси“, иако засега се сведува само на нагаѓања од фановите на овој филмски серијал.

Вака изгледаше Пежо на филм во 1998 година

Претходна објаваНисан се враќа на хибриди, пикапот развиен од Донгфенг доаѓа во Европа
Следна објаваПрвото електрично Ферари доаѓа во октомври, кокпитот му е како Ајфон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here