
Нисан ја проверува можноста, пикапот што Донгфенг го произведува за јапонската марка во Кина да се понуди и на европскиот пазар.
Извршниот директор на Нисан, Иван Еспиноза, продолжува со преструктурирање на јапонскиот производител на автомобили и во блиска иднина им придава поголема улога на моделите со приклучен хибриден погон и со електричен погон со продолжен досег. Менувањето на правецот се случува поради тоа што пазарот се префрлува на електричен погон побавно отколку што се очекуваше.
Откако го презеде шефовското место во април 2025 година, Еспиноза ја воведе програмата за претруктурирање што се води како Ре:Нисан и којашто има за цел да се врати профитабилноста, со задржување на постоечката динамика на продажба, место да се оди на зголемување на продажбата.
Новиот план треба да донесе заштеда во висина од 500 милијарди јени. Прагот на рентабилноста на Нисан ќе се помести од сегашните 3,1 милиони возила, на 2,5 милиони возила во фискалната 2026 година. Понатаму, со планот се предвидува скусување на бројот на фабрики, од сегашните 17 на десет фабрики, како и скусување на 20.000 работни места ширум светот.
Еспиноза посочи дека Нисан не може да се надева оти продажбата ќе расте, поради тоа што растат трошоците како последица од построгата регулатива и од новите технологии, додека во исто време притиска новата конкуренција. „Поради тоа, целта не ми е да продавам повеќе автомобили, туку да заработам повеќе,“ изјави Есиноза на дигиталната средба со медиумите на 4-ти февруари.
Нисан не отстапува од долгорочната цел за преоѓање на електрични возила, меѓутоа ги забавува вложувањата во ЕВ поради слабата побарувачка, ограничувањата од мрежата од полначи, намалената помош од државата и строгите закони, посебно во САД и Европа.
Производителите на автомобили во Европа се соочуваат со строги барања за ограничување на емисијата на ЦО2 на ниво на возен парк и со притисоци врз профитабилноста, поради тоа што се смалуваат субвенциите за електрични возила на важни пазари, како што се Германија и Франција.
Се зголемува разновидноста на погоните
Меѓу промените спаѓа и проширување на примената на технологијата е-пауер на Нисан, односно нејзино воведување во приклучни хибриди и електрични возила со продолжен досег. Со вториов вид на погон, на купувачите им се нуди подолг досег и поголема слобода при подолго патување, додека производителот во исто време ја смалува емисијата на ЦО2 од своите возила, како што бараат законите.
Нисан планира на пазарот во САД да го понуди СУВ-моделот Роуг во изведба со приклучен хибриден погон, со електричен досег меѓу 61 и 68 километри. Нисан ќе го увезува ова возило од Јапонија, сé додека во 2028 година не започне неговото производство во Смирна, Тенеси.
Во Кина, Нисан започна со производство на НИКС8, електричен СУВ-модел со три реда седишта и со продолжен досег. Батеријата со ЛФП-хемија е производ на ЦАТЛ и дозволува досег до 185 километри. Понатаму, возењето продолжува со користење на бензинскиот мотор, што работи како генератор.
Кина ќе му помага на Нисан за останатите пазари
Еспиноза кажа и дека Нисан ги разгледува можностите за пикапот Фронтир Про, што е развиен и се прозведува во Донгфенг во Кина, вклучувајќи ја изведбата со приклучен хибриден погон.
„Тоа е мошне интересен производ“, вели Еспиниза.
Еспиноза посочи и дека преку развојот во Кина, Нисан добива на конкурентност во Европа и на остнатите пазари, со можност за електрифицираните модели да се извезуваат и на тој начин да се зголеми маржата.















