за

Зошто ова Ferrari изгледа како вандали да го исчкртале

Скапоцената каросерија на ова жолто Ferrari 812 Competizione навистина изгледа како да била жртва на улично вандалство, испочкртана насекаде. Но, станува збор за посебна нарачка.

На посебен настан што се одржа во Casa Ferrari за време на автомобилската недела во Монтереј, престижната марка излезе со уникатен примерок од Ferrari 812 Competizione.

Необичното облагородување на изгледот на ова уникатно Ferrari 812 всушност се поврзува со празен лист хартија, од којшто дизајнерите почнуваат да работат кога создаваат изглед на нов автомобил. Секој нов модел на Маранело ја минува оваа фаза на цртачките табли на дизајнерите во Ferrari Styling Centre, кога цртежите изгледаат исто како овој уникатен 812 Competizione за орестижниот настан во Калифорнија.

Одделението за посебни нарачки на Ferrari преработе на овој начин само еден од 999 примероци од екслузивниот модел Ferrari 812 Competizione. Тоа е серија што е наменета за колекционери и ентузијасти на Ferrari и на моторите V12 коишто денес станаа уште поголема реткост од порано.

Ексклузивниот примерок за настанот во Монтереј го нарача Ferrari North America. Целта е уникатот да се понуди на наддавање, на свеченоста што Ferrari ја планира за 17-ти октомври во Њујорк. Сите средства ќе бидат донирани на фондација што подржува проекти од областа на образованието.

Само на техниката за изработка на специјалната шара на единствениот 812 Competizione се работеше подолго од една година, во соработка меѓу дизајнерите од Styling Centre и тимот за специјални нарачки Tailor Made. Како пример за необичната графика послужија токму цртежите на главниот дизајнер на Ferrari, Флавио Манцони.

Жолтата боја на 812 Competizione е избрана поради жолтата боја на хамерот на којшто цртаат дизајнерите на Ferrari

Жолтата боја за каросеријата на овој „812“ се поврзува со бојата на хамерот на којшто работат дизајнерите додека ги пренесуваат своите замисли за изгледот на идниот автомобил. Се работат безброј скици, цртежи, шеми, додека не се постигне точката кога ќе се реши дека тоа е конечниот изглед на автомобилот (Славче Таневски во интервјуто при премиерата на Mercedes EQS SUV направи одлична претстава како изгледа работата на врвен дизајнер)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Бојата на каросеријата е мат Giallo Tristrato, додека бојата на „шарите“ е мат Nero DS Sketch. Сите потези ги нагласуваат главните обележја на дизајнот на спортското купе со 12-цилиндарец до 830 КС.

Истата замисла се следи и во внатрешноста. Седиштата се обложени со нова генерација алкантара, со 65% рециклиран полиестер во составот. Овој материјал првпат беше применет во Ferrari Purosangue.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Passat на струја: Volkswagen почна со производство на ID.7

JLR бара нов сегмент да го смести Discovery, продажбатa ја носи Defender